![image](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/12/image.jpg?resize=696%2C392&ssl=1)
Пациентите во Австрија ќе можат да стават крај на својот живот со помош на други лица, одлучи во петокот Уставниот суд укинувајќи ја забраната за ткн потпомогнато убиство.
Сепак, убиството на барање и натаму останува кривично дело, истакна австрискиот Уставен суд.
Неколку австриски граѓани побарале од уставните судии да ги укинат досегашните законски одредби. Меѓу нив и 56-годишен маж кој бил прикован за постелата кој боледува од мултипла склероза и не може да изврши самоубиство без помош од друго лице.
Меѓу подносителите на барањето е и лекар кој би сакал да помогне во такви случаи, а притоа да не понесе правни и професионални последици.
Со досегашната целосна забрана се „крши правото на самоопределување“, заклучиле уставните судии.
„Правото на самоопределување го опфаќа и правото на одлучување за својот живот, како и правото на достојно умирање. Правото на слободно самоопределување го опфаќа и правото на оние кои сакаат да умрат да користат помош“, наведе австрискиот Уставен суд.
Властите мора да донесат мерки за да се спречи злоупотребата на помошта при самоубиството, стои уште во одлуката на судот.