Неоснованите и нечесните обвинувања им штетат на мировните напори, предупреди во неделата Азербејџан реагирајќи на обвинувањата дека оваа земја ги започнала нападите врз Ерменија кои во Ереван ги искажа претседателката на Претставничкиот претседател на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси.
„Овие неосновани и нечесни обвинувања којашто ги изнесе Пелоси против Азебејџан не се прифатливи“, објави министерството за надворешни работи во Баку.
„Познато е дека Пелоси е проерменска политичарка. Тоа претставува тежок удар за напорите да се нормализираат односите меѓу Азербејџан и Ерменија“, се додава во азербејџанската реакција.
Пелоси во саботата допатува во Ереван и притоа ги осуди „азербејџанските нелегални напади“ врз територијата на Ерменија крај заедничката граница и вети поддршка од САД за ерменскиот суверенитет.
Пелоси во Ереван изјави дека нејзината посета е „особено е важна во текот на нелегалните и смртоносни напади на Азербејџан врз ерменската територија“. „Силно ги осудуваме овие напади… Тоа го започнаа Азерите и тоа мора да се признае“, порача Пелоси.
Оцени дека било јасно дека пограничните судири го започнал Азербејџан врз Ерменија и дека била јасна хронологијата на судирите.
„САД ја слушаат Ерменија за нејзините одбранбени потреби“, рече Пелоси додавајќи дека Вашингтон сака да помогне и да ја поддржи Ерменија во рамките на „глобалната борба меѓу демократијата и автократијата“.
Азербејџан повтори дека одговорил на воена провокација од Ерменија, а пристигнувањето на претседателката на Претставничкиот дом го поврза со ноемвриските американски избори на половина од мандатот, на кои на Демократската партија на Пелоси ѝ се заканува губење на двата дома на американскиот Конгрес.
„Неприфатливо е да се префрлаат домашните политички интриги од американската агенда на Јужен Кавказ преку Ерменија“, се истакнува натаму во реакцијата на дипломатијата на Азербејџан.
Ненси Пелоси е највисоката американска функционерка која ја посетила Ерменија, која вековно се смета за традиционално руска сфера на влијание, којашто ја посетила кавкаската земја по прогласувањето на независноста во 1991 година, оцени дека нејзината посета е „силен симбол на решителниот ангажман на САД кон мирна, просперитетна и демократска Ерменија и сугурен и стабилен Кавказ“.
Кавказот, инаку е традиционално невралгични подрачје преку кои се прават обиди за дестабилизација и на Русија. Ереван, исто така, одржува и долги политички врски со Франција, а политичките коментатори како една од причините за превирањата во ерменската политика го сметаат токму политичкото кокетирање со САД последните години.
Пелоси допатува во моментот кога во регионот, стратешки важен за пренесување на гасот и нафтата од Каспиското Море, јакнат тензии со Азербејџан кого го поддржува Турција којашто сѐ повеќе се промовира во регионален фактор, како и Русија којашто ја гарантира безбедноста на Ерменија и на нејзина територија има воена база, но одржува добри односи и со Азербејџан. Западот, пак, во ерменско-азербејџанскиот конфликт е ангажиран преку ткн Минска група и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
Во пограничните судири меѓу Ерменија и Азербејџан оваа седмица загинале повеќе од 200 војници, според објавите од петокот од двете страни. Ереван и Баку меѓусебно се обвинуваат за судирите во спорниот регион Нагорно Карабах, најсмртоносните по шестдневната војна од 2020 година, кога загинаа илјадници луѓе.
Прекинот на огнот договорен со посредство на Москва, ги прекина борбите во средата ноќта, но ситуацијата на границата и натаму е тензична. Русија порача дека ќе изврши притисок на двете конфронтирани страни да ги повлечат своите сили на позиции на коишто биле пред избувнувањето на судирите претходно седмицава.