На азиските берзи во петокот цените на акциите паднаа, како и на Волстрит ден претходно, бидејќи централните банки на западните земји поради високата инфлација ги креваат клучните каматни стапки, додека растот на глобалната економија забавува.
Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции без јапонските, во раното претпладневно тргување беше во минус од околу 1 отсто. Притоа, на Токиската берза индексот Nikkei се лизна за 1 отсто, додека цените на акциите во Хонгконг, Јужна Кореја, Шангај и Австралија, паднаа за меѓу 0,4 и 1,4 отсто.
Со тоа азиските берзи го следат вчерашниот пад на Волстрит, кога Dow Jones ослабе за 0,6 отсто, S&P 500 за 1,1, а индексот Nasdaq за 1,4 отсто.
Тоа беше вторпат во последните три дена индексите позначително да паднат, откако беа објавени податоците за поголемата од очекуваната инфлација во САД.
Тоа, е последица на несигурноста на вложувачите во врска со прашањето за зголемувањето на каматните стапки на американската централна банка Federal Reserve (Fed). Повеќето аналитичари очекуваат дека челниците на Fed на седницата следната седмица повторно, третпат во низа, ќе ги зголемат каматните стапки за 0,75 процентни поени. Но се појавија и шпекулации дека Fed би можел да ги зголеми каматите и за цел процентен поен.
Вчера објавените податоци за потрошувачката во малопродажбата и падот на бројот на барањата за помош на невработените покажуваат дека ситуацијата на пазарот на трудот е добра, а потрошувачката е силна. Тоа, пак, значи дека инфлацијата би можело да се задржи на високи нивоа, што би го принудило Fed на натамошно заострување на монетарната политика.
Предупредувања од ММФ и Светската банка
Лошо на пазарите на капиталот влијае и забавувањето на растот на глобалната економија, на што во четвртокот предупредија Меѓународниот монетарен фонд (ММФ – IMF) и Светската банка.
ММФ за октомври најави ново намалување на процената на растот на глобалната економија, откако уште во јули ја намали процената на 3,2 отсто оваа година, а 2,9 отсто во следната. Некои земји идната година ќе потонат во рецесија, но уште е прерано да се каже дали ќе дојде до глобална рецесија, порачуваат од ММФ.
Светската банка, пак, порача дека глобалната економија можеби се движи кон рецесија, имајќи предвид дека централните банки во светот поради високите инфлации истовремено ги креваат каматите. Трите најголеми светски економии – САД, Кина и еврозоната – бележат остро забавување на растот и дури и еден умерен одат би можел светската економија да ја турне во рецесија, порачува Светската банка.
Нејзиниот главен економист порача и дека го загрижува можноста за стагфлација, период на бавен раст на економијата а висока инфлација. Поради тоа, вложувачите не ги охрабрија ниту подобри од очекуваните податоци за индустриското производство, потрошувачката и инвестициите во Кина.
Доларот ослабе, цената на нафтата во благ раст
На валутните пазари вредноста на доларот кон кошниците валути благо падна. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, се движи околу 109,59 поени, додека вчера во истиот период од тргувањето изнесуваше 109,70 поени.
Притоа курсот на доларот кон јапонската валута порасна од вчерашните 143,05 на 143,25 јени.
Меѓутоа, американската валута ослабе во однос на европската, па цената на еврото достигна 1.0005 долари, додека вчера во истиот период од тргувањето изнесуваше 0,9970 долари.
Цените на нафтата, пак, благо пораснаа по вчерашниот остар пад. Цената на барелот на лондонскиот пазар зајакна за 0,40 отсто, на 91,20 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапи за 0,31 отсто, на 85,35 долари.