Барам лидерска средба зашто мора да ја надминеме катастрофата од оваа криза, порача Мицкоски

Навистина постојат многу предизвици на модерното време. Земји се среќаваат со природни катастрофи, земјотреси, болести и зарази. Светот се соочува со КОВИД-19 пандемијата и на тоа не смееме да делуваме отсутни од реалноста, но во Македонија освен ова пандемија ни се случи Зоран Заев што би се рекло катастрофа на квадрат. Бројките кажуваат дека 9 месеци откако се појави оваа пандемија во земјата владата буквално не научи ниту една лекција, не презема ниту една реална и навремена мерка. Се фрлија на поткуп и картички додека неспособноста катадневно се плаќа со човечки животи. Бројката од 2000 заболени која ја прогнозираат на почетокот дека ќе биде вкупна бројка на заразени со која ќе помине земјава, ни се случува за помалку од една недела, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ , Христијан Мицкоски на денешниот протест против мафијата, за правда и слобода, по повод денешниот празник 23-ти Октомври денот на Македонската револуционера борба.

Мицкоски истакна дека додека светот работи на вакцина Заев и, како што рече, политичката мафија работат на носење на закон без да има мерки за граѓаните, туку регулира надлежности и политики.

„И сега има разлика, го нема веќе ниту Наќе или Гордана да бидат виновни, затоа што Спасовски нели молчи пред дискотеките блиски до власта во Скопје и Струмица, па одново и одново смислуваат смешни изговори за сопствената неспособност. Главното прашање е зошто има огромна смртност меѓу заразените со Ковид вирусот, одговорот е затоа што немаме луѓе кои што навремено ќе донесат вистински мерки. Затоа што овие во Владата се удрија на тендери и грабеж, затоа што имаме над 800 починати од зараза, но и најмалку дупло од ова кои умираат поради тоа што здравствениот систем е управуван од овие политички, мафијашки е блокиран и не добиваат навремена здравствена заштита. Затоа што луѓето побрзо ќе фатат корона отколку да добијат упат за преглед во државната болница. И затоа наместо Заев да води магарешки инает нам ни треба државничка подготвеност, отворено да дискутираме за работите важни за земјата и за нашите граѓани. Токму затоа побарав лидерска средба на која ќе разговараме за прашањата поврзани со националната катастрофа поврзана со Ковид кризата, но и политичката и економската криза која доаѓа паралелно со Ковид кризата. Овде не е во прашање дали јас или Заев сме во право туку колку животи на наши сограѓани можеме да спасиме, колку луѓе утре ќе бидат со своите најмили, со семејствата. Овде завршува политиката и почнува дораснатоста за зрели одлуки. Во таа смисла имајќи во предвид катастрофата со која се соочуваме треба да се искористат сите расположливи потенцијали на најдобрите умови во земјата да се направи соединување на најдоброто во сите области и да се спасуваат човечки животи, да се носат брзи одлуки кои ќе спасуваат животи но и судбини на луѓе„, истакна Мицкоски.

Потенцира дека ако на пролет кога беше првиот бран од оваа катастрофа велеа дека блескаме и дека работата ја имаат под контрола мислејќи дека во текот на летото интензитетот ќе се намали и тие ќе бидат хероите сега драги пријатели се движиме кон многу потежок период од есента доаѓа зимата а ние за жал поради овие калкулантски политики на оваа политичка мафија ќе ја пречекаме оваа зима неподготвени. А тоа денеска чини човечки животи.

-Неспособноста нивна не е политичка придобивка за опозицијата туку уште еден човечки живот помалку на трпезата на ручек, вечера. Уште едно загубено работно место уште едно предавство и понижување. Затоа еден почитуван мој пријател соборец сопартиец ќе рече не ти требаше да бараш лидерска средба никогаш опозицијата не бара власта не дава. Да можеби е тоа така во некои други мирнодопски времиња но денеска ние се бориме за опстанок. Ова е повеќе од воена состојба катаклизмата е пред нас. И кога гледате дека нема разум чест и честитост тогаш единствено нешто што ви преостанува е сами да се изборите за тоа што можеби вам ви припаѓа. Да се изборите за вашиот народ за вашите сограѓани да се изборите за Македонија. Ете затоа ја побарав таа лидерска средба, вели Мицкоски.

„Затоа почитувани пријатели нема простор за суетност и гордост, туку за одговорност кон својата држава и граѓаните на Македонија. Затоа треба да се седне и разговара. Тоа ќе значи и спасени животи. И го барам ова не затоа што Заев ми е мил, туку затоа што се работи за нашата татковина и нашите најмили. Многу важно, п овторувам многу важно е да се постигне македонско национално единство. Да не се расеменуваме ниту делиме затоа што сме и вака и расеменети, и поделени. Мора за клучните прашања да покажеме единство, да покажеме морал и црвена линија која заеднички ќе ја браниме. Рамо до рамо еден до друг. Никој нема добро од тоа да бидеме понижени дури и оние кои во замена за пари и фотелји мислат дека така ќе им биде подобро. Нема да им биде подобро зошто нивните деца а и тие самите ќе бидат дел од асимилирана и понижена земја. Тоа не смееме и нема да го дозволиме. Тоа им го должиме на генерациите после нас а тоа им го должиме и на генерациите пред нас кои што се изборија за оваа држава, дециден е претседателот Христијан Мицкоски.