Батум испратен во Шарлот, Хендерсон оди во спротивен правец

Управата на Портланд Трејлблејзерс го трејдуваше скапо платениот крилен кошаркар и француски репрезентативец Николас Батум во Шарлот Хорнетс.

Во спротивен правец франшизата на Мајкл Џордан го испрати својот стартен бек, Џералд Хендерсон, но и бившиот 9-ти пик од минатогодишниот драфт Ноу Вонли.

Хендерсон пред само неколку дена го искористи правото од договорот да преку играчката опција автоматски си ја продолжи соработката за загарантирана плата од седум милиони долари.

Од друга страна Трејлблејзерси се свесни дека ова лето ќе имаат полни раце работа со оглед дека на 1-ви јули Ламаркус Олдриџ станува слободен играч, а истата судбина ја има и стартниот бек Весли Метјуз, па екипата ќе мора да води сметка за буџетот.
Батум наредната сезона ќе инкасира 12 милиони долари и со самото тоа ќе потроши добар дел од достапните средства.

Французинот минатата сезона имаше големи проблеми да го пронајде ритамот во нападот и оствари просек од 9,4 поени, 5,9 скока и 4,8 асистенции. По седум сезони 26-годишниот Батум менува тим и влегува во последната година од договорот.

Од друга страна Хендерсон имаше просек од 12,1 поен, 3,4 скока и 2,6 асистенции по натпревар.