Инфлацијата веќе реално достигнува околу четири проценти, пресметано по индексот на цените на мало, и тоа секако не може да остане на ниво кое беше проектирано – под два отсто. Можеби годината ќе заврши до 4,5- 5 отсто инфлација, според индексот на цените на мало, и мислам дека тоа веќе е сериозен сигнал дека тука треба да се оди многу внимателно, да се дизајнираат политиките, затоа што тоа удира директно на таа потрошувачка кошничка, која доминантно е од прехранбени производи, а тоа не е нешто нестандардно кај земјите во развој, вели академик Абдулменаф Беџети во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
-Обично прехранбените производи во таа кошничка учествуваат доста значајно, до 40 отсто. Тоа секако може да ги погоди основните прехранбени производи, почнувајќи од жито, леб, млеко, масло и другите прехранбени производи. Семејства кои се социјално загрозени ќе бидат во многу тешка состојба. Во таа смисла не мислам дека ова алармирање што беше дадено од стопанствениците е реално до толку, барем не за овој период, зборуваме за три-четири месеци. Освен кај енергенсите, каде што веројатно состојбата ќе биде сериозна во тој дел. Нормално енергијата е инпут на секој производител, на секој транспортер и по тој верижен систем влијае во преносот. Покачување на енергијата влијае на покачување на цените“,вели Беџети.