Советот на Вишиот суд во Белград одлучи во понеделникот, на предлог на обвинителството, да го затвори за јавноста судењето на родителите на момчето кое уби девет ученици и припадник на училишното обезбедување во основното училиште „Владислав Рибникар“ на 3-ти мај минатата година, а одлуката е образложена заради заштита на интересите на малолетните лица и заштита на јавниот ред.
Според одлуката на Судот, освен семејствата на убиените и ранетите ученици, на судењето во Палатата на правдата ќе може да присуствува само стручната јавност, но со обврска сето она што ќе го слушнат во текот на процесот да го чува како професионална тајна. Во спротивно, доколку обелоденат или коментираат детали од судската постапка, ќе бидат кривично гонети.
Надлежниот јавен обвинител Никола Ускоковиќ претходно побара изземање на јавноста за целиот главен претрес, заради заштита на интересите на малолетниците, на што се спротивстави адвокатот на обвинетиот Боривоје Боровиќ, кој оцени дека наведените причини од страна на обвинителството биле „паушални“ и дека во текот на целата постапка веќе биле нарушени интересите на малолетните лица.
Боровиќ рече дека „не држи“ ниту барањето на обвинителот за исклучување на јавноста за заштита на јавниот ред, велејќи дека јавноста мора да биде информирана за целата постапка. Нагласи и дека учениците се вратени во истото училиште и дека никој не обрнува внимание, особено што „државата се потсмева“ со барањата на родителите училиштето да се претвори во меморијален центар.
Боровиќ рече и дека одбраната нема да бара во текот на постапката да се сослушуваат малолетници како сведоци. Со неговите оцени се согласија адвокатите на второобвинетите, сопственикот на стрелиштето и инструкторот за стрелањње во тој клуб, каде таткото, како што се сомничи, го носел малолетниотсин и го учел да пука.
Во обвинението на Вишото јавно обвинителство во Белград беше предложено судот да го осуди таткото на момчето Владимир Кецманиќ на 12 години затвор, а неговата мајка Миљана Кецманович на две ипол години, додека за сопственикот на стрелиштето и за инструкторот во тој клуб се предложени затворски казни од по три години.
Обвинителството го товари таткото на момчето за тешко кривично дело против безбедноста, бидејќи постои сомнение дека го носел својот малолетен син, несоодветно за неговата возрастм на стрелиште и го обучувал да ракува со оружје и дека не го чувал оружјето во согласност со законската обврска, бидејќи 13-годишното момче извршило масовно убиство со пиштолот на татко му.
Мајката на момчето се товари за кривично дело недозволено држење и носење оружје. Против таткото и мајката се поведени две граѓански постапки по тужби од семејствата на убиените деца за нематеријална штета поради смрт на блиско лице.
Сите обвинети накратко се изјаснија за вината и негираа дека го сториле делото.
На судењето, кое привлече големо медиумско внимание, е присутен и главниот јавен обвинител Ненад Стефановиќ.