Компасот едноставно „полудува“, инструментите се смируваат и стануваат бескорисни, а вие на бродот наеднаш сте целосно без ориентација. Вака рибарите опишуваат што се случува во триаголникот помеѓу островите Јабука, Брусник и делот од Комишкиот Залив во Јадранското море.
Тоа подрачје според кажувањето нa мештаните претставува Бермудски триаголник во Јадранското море. Компасите полудуваат и покажуваат погрешна насока, најверојатно поради составот на карпите на островите Јабука, Брусник и Вис.
Доказ дека таму „има нешто“ се и осумте потонати бродови и еден авион во триаголникот и во негова близина, а за магнетните зрачења во подрачјето знаеле и морнариците, што поминувале оттаму во минатото.
Уште во 18-иот век италијанскиот патописец Алберто Фортис забележал дека пловидбата во тоа подрачје може да биде доста опасна бидејќи компасите не го даваат точниот правец.
Во време на Првата светска војна од непознати причина во близина на Палагружа потонала италијанска подморница. Остатоците од бродот биле извлечени во 70-тите години на минатиот век во соработка со италијанските власти. Сведоците тврдат дека костурите на морнарите биле неприродно сочувани и 50 години по потонувањето.
Мештаните тврдат дека се најдобро истражила Југословенската народна армија, но дека резултатите од истражувањето биле криени. Наводно, морнарицата на ЈНА своите четири подморници ги „криела“ во триаголникот за да останат невидливи за радарите.
Еден од најстарите коишки рибари се присетува на се што слушнал и доживеал.
-А што се не сум доживеал, кој би можел на се да се сети. Еднаш сретнавме кит кај Палагружа. Кога се вративме и раскажавме, началникот ни рече дека сме пијани. По неколку дена го бараа со хеликоптери и го најдоа. Знаете што ќе ви кажам – пред 40 години немаше GPRS, радари и моблни телефони, туку само бусола. Кога ќе дојдевме во близина на Јабука таа не беше од корист и тука можеа да пловат само старите и искусни рибари, раскажува тој.
За Јабука отсекогаш се раскажувале легенди. Се смета дека тој е најмистичниот остров во триаголникот. Некои мештани тврдат дека виделе огнени топки што кружеле околу островот.
-Еднаш доживеав невреме што никогаш нема да го заборавам. Тоа беше пред сигурно 50-тина години, но се сеќавам како да беше вчера. Не зафати одненадеш и секаше на сите страни.Ниту еден гром не удри во Јабука, а островот цело време светеше. Околу целиот остров имаше искри, сите во бродот се уплашивме, но успеавме да побегнеме, раскажува еден жител на подрачјето.
Легендарниот истражувач Жак Кусто сакал пред 30-тина години да го истражи подрачјето околу Бермудски триаголник во Јадранското море. Се нагаѓа дека Кусто сакал да ги испита магнетните зрачења во тоа подрачје, но не успеал затоа што југословенската воена морнарица му забранила да истражува.