Мажот од Градачац на северозопадот на БиХ кој претходно во петокот ја убил сопругата и уште двајца мажи извршил самоубиство кога по повеќечасовното бегство го откриле и опколиле припадниците на полицијата, потврдија за локалните медиуми правосудни извори.
„Можеме да потврдиме дека три лица се убиени а уште три други се ранети. Лицето (сторител) по лоцирањето и пред лишувањето од слобода изврши суицид“, се наведува во соопштението за медиумите од обвинителството на Тузланската жупанија надлежно за истрагата.
По повеќечасовната потрага полицијата го открила мажот во околината на Градачац, а утврдено е дека тој претходно убил една жена и двајца мажи, и повредил уште еден полицаец и уште еден маж. Сето тоа го сторил на одвоени локации.
Трократниот убиец е идентификуван како 35-годишниот Нермин Сулејмановиќ, локален н бодибилдер и инструктор по фитнес, кој според локалните медиуми наводно имал полициско досие бидејќи бил поврзан со криминална група вклучена во криумчарење хероин.
Сцените од бруталното убиство, како што подоцна е утврдено, на поранешната сопруга го снимал и директно емитувал на социјалните мрежи.
На снимките коишто засега се сметаат за директен доказ за извршеното злосторство се гледало како мажот од пиштол пука во сопругата. На снимката се гледало и бебе кое лежи на плочки во просторијата.
„Еве, да видите како изгледа убиство во живо“, рекол убиецот во текот на емитувањето на снимката.
Бегајќи од местото на злосторството налетал на двајца мажи, татко и син, кои исто така ги убил што самиот го потврдил подоцна во една од многуте објави на Instagram коишто непрекинато ги поставувал додека бил во бегство.
Полицијата сѐ уште ги истражува мотивите за злостортвото, а според првичните процени од објавите на убиецот се заклучува дека во заднината најверојатно се семејни проблеми. Имено со пцовки и навреди во објавите рекол дека „само сакал да има семејство што другите му го уништиле“.