Билетите за Македонија-Германија од денеска во продажба – на стадион само со сертификат за вакцинација

Фудбалската федерација на Македонија ги објави цените на билетите за мега-дуелот со Германија на 11. октомври и тие чинат од 100 до 500 денари.

Преку Mk Tickets, официјалниот партнер за продажба на билети, од денеска започнува продажба на билети за квалификацискиот натпревар на македонската А репрезентација против Германија кој ќе се одигра на 11. октомври на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Влезниците ќе се продаваат по цена од 100. денари за западната трибина, 300 денари за блоковите 1, 2, 5 и 6 од јужната трибина и блоковите 13, 18, 19 и 24 од северната трибина и 500 денари за централните блокови од јужната и северната трибина на Националната арена „Тодор Проески“.

Билетите од источната трибина се ставени на располагање за гостинските навивачи.

Бројот на љубители на фудбалот кои ќе присуствуваат на Националната арена „Тодор Проески“ за мечот Македонија – Германија е ограничен на 50 проценти од вкупниот капацитет согласно мерките утврдени за заштита од вирусот Ковид-19 и протоколот на УЕФА за присуство на гледачи на трибините. Продажбата на билетите ќе се одвива електронски преку системот на MKTickets, додека билетарата на Националана арена ќе биде отворена за физичка продажба на влезници на 9, 10 и 11 октомври во периодот од 10:00 до 18:00 часот. Едно лице ќе може да купи најмногу четири билети со приложен документ за идентификација.

Согласно официјалната одлука на Владата на натпреварите е дозволено присуство единствено со приложување на еден од следните документи:

– Сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот Ковид-19, односно примена најмалку прва доза на вакцина против заразната болест

– Сертификат/потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.

Не се однесува на лица под 18 годишна возраст.