На денешното фејсбук обраќање на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, беше обелоденет скандалозен случај на продажба на државно земјиште во Струмица кое индиректно завршило во рацете на братот и братучедот на премиерот Зоран Заев, Вице и Трајче Заеви.
Мицкоски презентираше документи со кои се потврдува дека Општина Струмица во време кога градоначалник е сегашниот премиер Зоран Заев, на јавно наддавање му продал земјиште на лицето Сашко Брндевски, како единствен понудувач за многу атрактивна парцела. Сашо Брндевски, инаку, е бизнис партнер на Вице Заев во фирмата „Сара Инжинеринг“.
„Имено на 29.12.2014 година одржано е јавно наддавање за оттуѓување на градежно земјиште во општина Струмица, во тоа време градоначалник на општина Струмица е сега премиерот г-динот Зоран Заев. На аукцијата се јавува само еден понудувач, а тоа е лицето Сашко Брндевски, од Струмица, бизнис партнер во една од компаниите на братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев“, истакна Мицкоски.
Ова земјиште со вкупна површина од 18462 м2 на кое како единствен понудувач се јавува бизнис партнерот на Вице Заев и е продадено за 2300 денари по м2. Во февруари 2016 година Брндевски за купената парцела добил одобрение за градење на станбена зграда 8. Истиот месец, истата година лицето Сашо Брндевски склучува договор за пренесување на право на градење или отстапување на парцелата 8 со правните лица, „ТОТАЛ Инженеринг“ и АД „Пелагонија Струмица“. Воедно „ТОТАЛ Инженеринг“ е во сопственост на Вице Заев, брат на тогашниот градоначалник, а сега премиер Зоран Заев, додека во АД „Пелагонија Струмица“ во Управниот одбор во тоа време е братучедот на Зоран Заев, Трајче Заев.
Така Вице Заев и Трајче Заев се стекнале со имот и нивните компании АД „Пелагонија Струмица“ и „ТОТАЛ ИНЖИНЕРИНГЕ денес таму градат.
Мицковски постави неколку прашања за оваа зделка во Струмица во која крајно сомнително е од каде лицето Сашо Брндевски понудило 700 илјади евра за државното земјиште,и зошто токму тој е единствениот наддавач.
„Остануваат прашањата – како тоа токму братот и братучедот на премиерот ја добил дозволата да гради на тоа место, дали ги искористил повластувањата на функцијата на Зоран Заев тогаш градоначалник на Струмица, дали тоа не е конфликт на интереси и целосен морална дисторзија. Воедно апелирам јавното обвинителство да испита:
Дали се работи за постапка каде однапред се знае добитникот на парцелата?
Под кои услови е отстапено правото на градење?
Да го испита потеклото на парите на Брндевски околу 700 илјади евра кои се уплатени на сметката на општината.- порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.