Американскиот производител на авиони „Boeing“ објави прелиминарна загуба од околу четири милијарди долари во четвртиот квартал од 2024 година, а приходите се намалени за околу 30 отсто во однос на претходната година.
Нето загубата за четвртиот квартал се очекува да биде 5,46 долари по акција, што е еквивалентно на приближно 4 милијарди долари, што ги одразува трошоците во одделот за комерцијални авиони и во одделот за одбрана, вселена и безбедност, како и намалените испораки на авиони и влијанието на штрајкот на повеќе од 33.000 работници, се вели во извештајот.
Во првите девет месеци од минатата година загубите на „Boeing“ достигнале речиси осум милијарди долари, што значи дека минатата година ја завршиле во минус за речиси 12 милијарди долари, како и во 2020 година, покажуваат податоците објавени на веб-страницата на компанијата.
„Boeing“ бележи загуби од 2019 година, кога неговите авиони од моделот „737 MAX“ беа приземјени ширум светот поради две сериозни несреќи во кои загинаа вкупно 346 луѓе.
Компанијата прелиминарно проценува дека нејзиниот приход во четвртиот квартал од минатата година изнесувал 15,2 милијарди долари, што би претставувало пад од 31 отсто во споредба со истиот период во 2023 година.
Во одделот за комерцијални авиони, приходот приближно се преполовил на 4,8 милијарди долари.
Приходите од одделот за одбрана, вселена и безбедност би требало да изнесуваат 5,4 милијарди долари, покажуваат прелиминарните пресметки, што е за околу 20 отсто помалку од претходната година.
Менаџментот рече дека трошоците во програмите за моделите „777X“ и „767“ во одделот за комерцијални авиони, според прелиминарните проценки, изнесуваат околу 1,1 милијарда долари, а во одделот за одбрана, простор и безбедност, 1,7 милијарди долари.
Конечните оперативни резултати за четвртиот квартал и целата 2024 година ќе бидат објавени следната седмица.