Речиси истовремено пристигнаа информации дека сопственикот на 1ТВ, Бојан Јовановски ака Боки 13 е уапсен, а специјалната јавна обвинителка Катица Јанева си поднесува неотповиклива оставка од функција прв човек на СЈО.
Јовановски, според неофицијални информации, е приведен поради сомневање за рекет и изнуда врз повеќе бизнисмени и функционери.За истиот случај во еден скопски елитен ресторан приведен е и бизнисменот Зоран Милевски познат како Зоки Кичеец. Неофицијални информации говорат дека по наредба на Јавното обвинителство се бараат и директорот на правната служба на 1ТВ, како и мајката и таткото на Бојан Јовановски , кој пак е формално сопственик на медиумот.
Приведувањето следува откако новинарот Бранко Геровски објави серија на колумни во кои пишуваше за „рекетарска банда“ која со поддршка од високи функционери на СДСМ изнудуваат огромни суми на пари од познати македонски бизнисмени, поранешни функционери, а разни бенефиции се обидувале да изнудат и од актуелни градоначалници.
Самиот Боки 13 во интервју на 1ТВ изјави дека ликот за кој што пишува Геровски е самиот тој, но ги отфрли наводите дека вршел рекет. Според пишувањата на новинарот, но и гласините кои кружат во јавноста, бандата рекетот го вршела заканувајќи се со прислушувани телефонски разговори, нуделе олеснувања при судски постапки, пред се’ отворени од страна на СЈО, како и запирање на истраги.
Во јавноста на големо се зборува дека поранешен градоначалник на една скопска општина и познат бизнисмен, осомничен во случај на СЈО, „искеширал“ 200 илјади евра, додека друг виден бизнисмен, кој исто така е опфатен во предметите кои ги работи специјалното обвинителство, на Јовановски му исплатил сума во висина од еден до три милиони евра.
Инаку, како што е познато синот на специјалната обвинителка, Јанева, Лазар Јанев е вработен во првната служба на 1ТВ. Сомневањата се дека токму тој бил врската помеѓу Јовановски и Јанева и оттаму моќта на „рекетарската банда“ да се заканува и да изнудува стотици илјади евра од македонските бизнис могули.
Зошто се предомисли „недопирливата“ Катица
Јанева својата неотповиклива оставка ја депонира само десетина дена откако пред медиумите категорично тврдеше дека нема намера да се повлече од СЈО, како што бара опозицијата и дека неа никој не може да ја смени.
Денеска таа во изјава до јавноста во која ја соопштува одлуката за оставка пишува:
„Денес ја користам приликата да ја информирам јавноста дека јас нема да дозволам моето име да биде искористено за нечие алиби со кое во заложништво ќе се држат судбината на Специјалното јавно обвинителство и Европските интеграции на мојата земја.“
Оставката на Јанева се толкува и како гест за одоброволување на ВМРО ДПМНЕ што поскоро да се постигне договор за законот за јавно обвинителство со којшто треба да се реши конечниот статус на СЈО. Носењето на овој закон во повеќе наврати беше посочуван како еден од условите за добивање на датум за преговори со Европската Унија во октомври годинава.
Деталите за приведувањето на Јовановски, сомнежите и досегашните откритија на истрагата која ја води обвинителката Вилма Русковска, шеф на Јавното обвинителство за организиран криминал се очекува да биде откриени на прес конференција попладнево.