Заврши играчката кариера на 38-годишниот бразилски фудбалер Филипе Луис, без кој некогаш беше невозможно да се замисли одбраната на Атлетико Мадрид.
„Порано си ветив дека ќе престанам да играм фудбал кога веќе нема да се чувствувам добро и кога нема да можам да играм на нивото на кое мислам дека е потребно. Дојде тој момент. Штета, бидејќи некогаш велев дека ќе играм фудбал до 45 години“, изјави левиот бек кој во текот на кариерата одигра 44 натпревари за бразилската репрезентација и постигна два гола.
Филипе Луис ја заврши кариерата во бразилскиот Фламенго, но најдлабока трага остави играјќи за мадридски Атлетико. Во тој клуб играше двапати, од 2010 до 2014 година и од 2015 до 2019 година. Во меѓуврме мина една сезона во лондонски Челзи.
Со Атлетико, Филипе Луис освои една титула во шпанската Ла Лига, еден Куп на кралот, два трофеа во Лига Европа и три европски Суперкупа. Играше и за Фигуеиренсе, Ајакс, вториот тим на Реал и Депортиво од Ла Коруња.