Брисел ќе ја чека одлуката на Берлин, а Македонија ќе почека до октомври

Конкретен датум за почетокот на пристапните преговори за Македонија нема, откако Советот на Европа во вторникот одлучи да се наврати на ова прашање најдоцна до октомври.

Министрите за надворешни работи на седница на Советот попладнево не се договорија кога да отпочне процесот со Македонија и Албанија, но во заклучоците за земјава го поздравија договорот од Преспа. Комесарот за проширување на заминување Јоханес Хан очекува зелено светло наесен.

Земјите членки не ги надминаа длабоките поделби околу отпочнувањето на преговори со Македонија. Попладнево министрите за надворешни работи на земјите членки го усвоија заклучокот – дека прашањето за датумот повторно ќе го отворат во октомври, и за Македонија и за Албанија, без воопшто да испратат јасен сигнал каков епилог би можеле да очекуваме тогаш.

  Со оглед на ограниченото време на располагање и важноста на прашањето, Советот ќе се наврати со цел постигнување јасна и суштинска одлука најбрзо што може и не подоцна од октомври 2019 година, гласи последната верзија на заклучокот за Северна Македонија, која се обиде попладнево да ја образложи еврокомесарот Хан.

Извори од Брисел брифираат дека нацрт-заклучоците за 24 часа претрпеле неколку измени – од позитивни, преку непосредни до суштински и оти во игра била третата и најлоша опција – воопшто да не се спомене временска рамка. Уште пред официјалната прес конференција, непријатната вест ја соопшти унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој испрати остри тонови кон западните земји, посочувајќи ги како клучни кочничари за Македониа и Албанија.

Немаше физичка или законска пречка за да не се донесе одлука за отворање на преговорите со Албанија и Северна Македонија. Одлуката е срамна и се работи за тактичка игра со цел да се одложи објавувањето на пакетот за проширување. Не се работи за немање време, туку за немање политичка волја. Недостатокот на одлука за отворање на преговорите со Албанија и Северна Македонија е во спротивност со интересите на Унијата и на Унгарија, изјави Петер Сијарто, министер за надворешни работи на Унгарија

За жал, многу не напредувавме. Сега дури и бројот на држави, кои имаат одредени резерви, можеби и се зголеми.

Иако се уште неофицијално, најнаскептични за македонските преговори биле Франција и Холандија. Нејасно е дали предупредувањето на Кипар, кој се закани со вето на какво било идно проширување, доколку Брисел не ја заостри реториката околку турското ископување нафта во Медитеранот, влијаело на одлуката на министрите.