Британија го става вон законот палестински Хамас

Британската министерка за внатрешни работи Прити Пател изјави во петокот дека ја забранила палестинската исламистичка организација Хамас, со што ставот на Лондон се усогласува со оние на Соединетите држави и на Европската унија кои ја ставија на листата терористички организации.

„Хамас има значителни терористички способности, вклучително и пристап до разновидно и софистицирано вооружување, како и до инфраструктура за обука на терористи. Затоа денеска целосно го забранив Хамас“, се истакнува во писмената изјава на министерката Пател.

Интересно е што Пател мораше да поднесе оставка на местото министерка за меѓународен развој во 2017 година, бидејќи јавно ги објави своите состаноци со високи израелски функционери во текот на нејзиното летување во Израел. Тогаш се сретна и со Јаир Лапид, кој сега е израелски министер за надворешни работи и кој сега нејзиниот потег го пофали „во рамките на јакнење на врските со Британија“.

Палестинското движење ќе биде забрането според британскиот Закон за тероризам, според кој ќе биде казнет секој кој изразува поддршка за Хамас или истакнува негово знаме, потврди во дополнително соопштение британското министерство за внатрешни работи. Се очекува дека Пател оваа измена ќе ја претстави пред парламентот следната седмица. Досега во Велика Британија беше забрането само военото крило на организацијата, Бригадите на Изадин ал-Касам.

Палестинското исламско движење на отпорот Хамас има и воено и политичко крило, и владее во Појасот Газа откако пред десетина години ги протера од енклавата функционерите на Палестинската самоуправа од ривалското движење Фатах или поранешната Палестинска ослободителна организација (PLO). Хамас е основан во 1987 година, а го негира постоењето на Државата Израел и на мировните преговори и залагајќи се за вооружена борба против со еврејската држава.

Политичкиот претставник на Хамас, Сами Аби Зухри, изјави дека британскиот потег покажува „апсолутна пристрасност во полза на израелската окупација и потчинување на израелските уцени и диктати“.

„Спротиставувањето на окупацијата со сите достапни средства, вклучително и вооружен отпор, е право на народ кој е под окупација според меѓународното право“, се наведува во засебно соопштение на Хамас.

Израелскиот премиер Нафтали Бенет ја поздрави британската одлука. Пред неговото доаѓање на власт, Израел и Хамас во мај годинава војуваа 11 дена.

„Хамас, едноставно кажано, е терористичка организација. ‘Политичкото крило’ ја овозможува неговата воена активност“, напиша на Twitter израелскиот премиер.

Палестинската дипломатска мисија во Велика Британија потегот на Лондон го нарече „ретрограден чекор“, апелирајќи на британската влада да ја преиспита одлуката.

„Со ова британската влада ги комплицира заедничките палестински напори и ја поткопа палестинската демократија“ се наведува во соопштението на дипломатското претставништво на Палестинската самоуправа во Лондон.