Најголемиот штрајк на железницата во последните три децении во Велика Британија започна во вторникот кога десетици илјади работници ги напуштија работните места поради незадоволство околу платите, условите за работа и работни места.
Се стравува дека овој штрајк би можел да биде почеток на натамошни акции во британската индустрија, но и во севкупната економија следните месеци.
Штрајкот започна рано утрото, а се очекува дека во него ќе учествуваат повеќе од 40.000 работници коишто, според најавите, треба да штрајкуваат во вторник, четврток и сабота, што ќе предизвика застој во функционирањето на британските железници. Поради штрајкот затворена е и подземната железница во британската престолнина Лондон.
Премиерот Борис Џонсон, кој е под притисок да стори повеќе за да им се помогне на граѓаните во соочувањето со најтешката економска криза последните децении, рече дека ваквите акции во индустријата дополнително ќе го забават закрепнувањето на претпријатија од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.
Синдикатите најавија дека штрајковите на железничарите би можеле да го означат почетокот на „летото на незадоволства“ на коешто ќе му се придружат и наставниците, медицинарите, комуналните работници, па дури и адвокатите кои се вклучуваат во ткн „индустриски акции“. Сето тоа се случува во светлото на големите поскапувања на храната и горивата кои ја туркаат британската инфлација кон стапката од 10 отсто, според официјалните податоци.
„Нашата кампања ќе трае колку ѝ да биде потребно“, изјави за медиумите генералниот секретар на синдикатот на вработените во железничкиот, поморскиот и транспортниот сообраќај (RMT), Мик Линч.
Премиерот Џонсон, пак, ги обвини синдикатите дека им наштетуваат на луѓето за кои тврделе дека им помагаат.
„Со тоа што продолжува овој штрајк, железничарите ги тераат патниците, луѓето кои се возат на работа, кои во крајна линија ги поддржуваат работите на железничките работници, а влијаат и на компаниите и на општествените заедници ширум земјата“, ги пренесува Даунинг стрит некои од забелешките на премиерот Џонсон кои ќе бидат соопштени на подоцна во вторникот на состанокот на неговата влада.
Илјадници луѓе учествуваа во протестот кој се одржа во саботата во центарот на Лондон во организација на синдикатите.
Штрајковите, инаку, се одржуваат во време кога патниците на аеродромите се соочуваат со хаосот поради доцнењето и откажувањето на летовите во последен момент поради недостиг од персонал, а многу Британци мораат со месеци да чекаат нови пасоши поради доцнењето во обработката.
Иако британската економија на почетокот покажуваше силно заздравување од пандемиската криза, комбинацијата од недостиг на работна сила, нарушувањето во синџирите за снабдување, инфлацијата и трговските проблеми по Брегзитот доведоа до ризик од рецесија. Владата порача дека дава дополнителна поддршка за милиони најсиромашни домаќинства, но наведува дека зголемувањето на платите над стапката на инфлацијата значително би ја потресло економијата.