Брнс и официјално на функцијата амбасадор на САД

Официјално се предадени акредитивите на претстедателот Стево Пендаровски,  па така Кејт Мери Брнс и официјално стапи на функцијата амбасадор на САД во земјава. Брнс во таа прилика рече дека и е особено задоволство да го започне мандатот во клучен период за односите меѓу двете земји.

„Со нетрпение очекуваме, до крајот на годината, да и посакаме добредојде на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО алијансата… Повеќе од 25 години работиме заедно и постигнавме многу во унапредувањето на нашите заеднички цели – да ја видиме Северна Македонија целосно интегрирана во западните институции и целосно посветена на нашите заеднички вредности – демократија, индивидуална слобода, и владеење на правото“, рече Кејт Мери Брнс, амбасадор на САД.

Брнс се обврза дека ќе промовира стабилност преку силни институции и дека ќе ги поддржува напорите на власти во земјава за борбата против корупцијата и зајакнувањето на владеењето на правото.

Пендаровски примајќи ги акредитивите се заблагодари на континуираната и силна поддршка која САД и ја даваат на земјава од нејзината независност.

„Таа поддршка, посебно изразена во доменот на остварувањето на стратешките цели – целосно интегрирање во Евроатлантските структури и организации – не е само доказ за цврстото пријателство, туку и суштествен поттик и охрабрување за успешно соочување со сите предизвици во денешниот свет на постојани промени“, изјави Стево Пендаровски, претседател на државата.

Пендаровски изразувајќи уверување дека поддршката од САД за земјава ќе продолжи, очекува наскоро да заврши и процесот на ратификација на Пристапниот протокол, со што Северна Македонија ќе се придвижи чекор напред кон полноправно членство во НАТО.

Брнс која е од Флорида, на позицијата доаѓа од местото замник-амбасадор на САД во Грција. Брнс е дипломат од кариреа која 26 години е дел од американската дипломатија и која била заменик-шеф на мисија на САД во ОБСЕ, а била и дел од амбасадите и мисиите на САД во Шпанија, Авганистан, НАТО. Таа зборува шпански, унгарски и турски јазик.