Брод на шведската воена морнарица се наоѓал во областа на Северен тек пред експлозиите

Брод на воено-поморските сили на Шведска бил забележан во близина на местата каде што се случија експлозиите на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2 во Балтичкото Море неколку дена пред инцидентот, објави дневниот весник Dagens Nyheter.

Во написот се наведува дека новинарите кои дошле до ова сознание го користеле интернет сервисот за следење на движењата на пловилата. Според тие податоци, бродот двапати пловел во областа во близина на цевководите, каде што подоцна беа откриени истекувањата на гасот.

Од шведската воена морнарица потврдиле дека бил изведуван „поморски надзор“ во тие области, но одбиле да ги соопштат задачите на нивниот брод, образложувајќи дека станува збор за доверливи податоци.

На крајот од минатиот месец беше објавено дека од 1-ви до 3-ти септември, хеликоптер на американската воена морнарица кружел околу данскиот остров Борнхолм, каде што подоцна е воочено истекувањето од цевководите. Покрај тоа, американски летала прелетале над гасоводите на 10-ти и 19-ти септември, и ноќта од 22-ри на 23-ти септември и ноќта од 25-ти кон 26-ти септември. Во сите случаи траекториите на американските воени летала упатуваат дека станува збор за извидувачки летови или прелети над конкретниот дел од акваториумот. Во медиумите беше наведено дека патеките на хеликоптерите кои извеле ноќен прелет на 23-ти и на 26-ти септември имале „збунувачки патеки“.

Од првите часови по полноќ минатиот понеделник на 26-ти септември беа објавени четири истекувања, две во данските и две во шведските територијални води, откриени на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2, со кои гасот од Русија се испорачуваше во Германија, односно на пазарот во Европа. Сеизмолошките заводи на двете земји измериле потреси со магнитуди од 2,3 и 2,1 степени по Рихтер, оценувајќи дека „веројатно одговара на експлозивен набој од неколку стотина километри тротил“.

Многу земји во Европа, како и самата Русија, сметаат дека истекувањето на гасот дошло по саботажа. Најмалку две експлозии се случиле под водата, објавија во четвртокот заеднички Данска и Шведска.

Москва го нарече инцидентот „чин на меѓународен тероризам“, а рускиот претседател Владимир Путин изјави дека „се чини дека на Англосаксонците не им се доволни санкциите (воведени против Русија поради војната во Украина)“, па започнале со уништување на европската енергетска инфраструктура.сп