Брод со двесте мигранти вплови во Франција откако го одби Италија

Бродот „Ocean Viking“ на невладината организација SOS Mediterranée со повеќе од 200 мигранти извлечени од нивните чамци на отворено море, во петокот впловил во француското пристаниште Тулон, откако Италија тоа не му го дозволи, извести телевизијата BFMTV.

Француската влада во четвртокот се согласи да го прими броди, но претходно ја критикуваше Италија и објави дека ќе ги откаже плановите да прими 3.000 мигранти кои пристигнале во соседната земја и исто така сојузник во Европската унија и во НАТО.

Бродот „Ocean Viking“, со кој управува хуманитарната невладина организација SOS Mediterranée, се вкотвил во француското воено пристаниште Тулон со 230 мигранти кои биле собрани во Средоземното Море во октомври.

Имиграцијата е чувствително прашање и во Франција и во Италија, а францускиот министер за внатрешни работи Жерал Дерманен во четвртокот изјави дека одлуката на новата италијанска десна влада за забрана бродот да вплови откако со денови пловел околу островот Сицилија е „себично“ и „за осуда“.

Италија ги отфрли овие критики и порача дека француската реакција е показател за неуспехот на Европската унија да се справи со растечкиот број на доаѓања на мигрантите од кои голем број пристигнуваат со бродови од северот на Африка.