Брод со мигранти под германско знаме одбива да напушти италијанско пристаниште

Брод на невладина организација кој учествува во собирање на мигрантите во Средоземното Море кој плови под германско знаме одбил во неделата да го напушти сицилијанското пристаниште Катанија, откако претходно италијанските власти не дозволија од него да се истоварат здравите мажи, соопшти невладината организација која управува со бродот.

„Капетанот на бродот ‘Humanity 1’, кој законски е одговорен за безбедноста на сите луѓе на бродот, го одби барањето да го напушти пристаништето со преостанатите преживеани на пловилото“, драматично соопшти истоимената германска невладина организација која имигрантите ги собира од нивните чамци на отворено море и ги транспортира до пристаништата во Италија.

Претходно во неделата италијанските власти објавија дека малолетниците, жените и лицата на коишто им е неопходна медицинска помош, а тоа се вкупно 144 од 179 имигранти, можат да се симнат од бродот „Humanity 1“, кому му беше дозволено да се вкотви во Катанија.

„Humanity 1“ и уште три други бродови „Rise Above“, „Geo Barents“ и „Ocean Viking“ на други странски невладини организации, со вкупно околу 1.000 мигранти, повеќе од една седмица пловеа во близина на Италија, чекајќи новата десно ориентирана влада во Рим да им дозволи пристанување.

Во петокот министерот за внатрешни работи Матео Пјантедоси изјави дека „Humanity 1“ и другите патници на него ќе бидат испратени надвор од територијалните води на Италија, откако ќе биде истоварени оние на кои им е потребна помош.

Германската организација соопшти дека 35 имигранти, колку што останале на бродот, се наводно во лоша здравствена состојба и дека побегнале од „нечовечките услови“ во Либија.

„Ова ги лишува и од нивните права на слобода и правото да излезат на брегот на безбедно место“, изјави за медиумите Мирка Шафер, претставничка на организацијата „SOS Humanity“.

Друг брод со мигранти кој барал истоварување на 527 мигранти во некое пристаниште во Италија, вечерта пристигнал во Катанија, изјавил за Reuters претставникот на организацијата која го управува бродот „Geo Barents“.

Како и во случајот со „Humanity 1“, италијанската влада издаде декрет и за „Geo Barents“, со кој му се дозволува пристанување исклучително за истоварување на луѓето на кои им е потребна итна помош, изјавиле во неделата владини извори.

„Селективното и делумно истоварување, како што го предлагаат италијанските власти, не треба да се смете легално според конвенциите за поморското право“, истакнаа претставниците на меѓународната невладина организација Лекари без граници (Medicins sans Frontieres) која управува со бродот „Geo Barents“.