Бројот на жртвите од нападите во Могадишу се зголеми на 25

Најмалку 25 луѓе загинале а уште 30 се повредени во саботата кога експлодирале два автомобила бомби, а вооружени напаѓачи упаднаа во хотел во сомалиската престолнина Могадишу, покажуваат обновените податоци на локалната полиција.

По експлозиите, напаѓачите го опколиле хотелот во кој отседнуваат владини функционери. Спасени се повеќе од 30 луѓе, меѓу кои и министер и истакнат верски лидер, изјавил полицискиот портпарол Мохамед Дахир.

Во текот на повеќе од десетчасовната опсада, којашто е завршена во меѓувреме, еден од милитантите се разнел при што настрадал засега неутврден број припадници на безбедносните сили, додал Дахир.

Меѓу жртвите од првичната експлозија во којашто според потврдените податоци загинале 25 луѓе, се и висок владин функционер и полициски началник, чиишто идентитети засега не се соопштени.

Исламистичката бунтовничка група ал-Шабаба преку својата радио станица објави дека ја презема одговорноста за овој напад.

Во локалните медиуми се појавија извештаи дека некои од напаѓачите се заробени живи, додека други во текот на опсадата се убиени. Се претпоставува дека нападот го извеле најмалку пет вооружени лица, покрај едниот бомбаш самоубиец кој се разнел со автомобилот пред нивниот напад.

Кон средината на октомври во експлозија во сомалиската престолнина Могадишу во напад изведен со камион бомба на фреквентна крстосница во централниот кварт загинаа над 300 луѓе, а уште стотици други беа ранети. Сомалиските власти и за овој напад ја обвинија ал-Шабаб, но исламистите не ја преземаа директно одговорноста за него.