Награда за животно дело на 22-та „Златна Бубамара на Популарноста“ добива композиторот ГРИГОР КОПРОВ.
Во својата 45-годишна творечка дејност, Григор Копров ги допре врвовите на музичката уметност. Во неговите композиции на волшебен начин се испреплетуваат македонското фолклорно творештво и современите музички трендови. Неговите композиции на невeројатно лесен начин допираат до интимата на слушателите, предизвикувајќи неоткриени емоции кај секој што ги слуша. Затоа, најголемиот број од неговите копозиции низ годините станаа евергрин или се обнародија.
Помалку познати податоци:
- Во 1973 година, Копров како пејач снимил сингл-плоча, на која ги пее своите две песни „Ти волиш опет неког“ и „Опростимо свима“.
- Автор е и на првата песна „Една надеж“ на „Бјело Дугме“ во 1974 година, која била изведена на Скопски фестивал.
- Како композитор соработувал со: Сенка и Зафир, Маја Оџаклиевска, Мери Цетиниќ, Владо Калембер, Тоше Проевски, Калиопи, Владо Јаневски, Ана Костовска, Силви бенд, Каролина Гочева, Марјан Стојановски, Андријана Јаневска, Дуле и Коки…
- Негова е музиката за хитовите: „Лео“, „Сребрени улици“, „Лидуду“, „Анушка“, „Усни на усни“, „Излажи ме уште еднаш“, „Црно тиквешко“, „Колку треба да се плати“, „Сонце во твоите руси коси“…
- Во фолк-музиката остануваат незаборавни неговите мелодии: „Дајте ми ја“, „Запри дожду“, „Во црно вино утеха нема“, „Ино моме веселино“, „Една ѕвезда, една солза“…
- Копров три пати со своја композиција ја претставуваше Република Македонија на Евросонг („Не зори зоро“ со Владо Јаневски, „Мојот свет“ со Каролина Гочева и „Русинка“ со Влатко Илиевски), а еднаш и Црна Гора („Заувјек волим те“ со Стефан Филиповиќ)
- Веќе 25 години е уметнички директор на фестивалот „Охрид фест – охридски трубадури“, кој самиот го основа и кој низ годините стана еден од најдобрите културни репрезенти на Македонија ширум светот.