Денеска ќе биде промовиран нов Клуб на пријателство меѓу Бугарија и Македонија. Тоа е неформална мрежа на видни интелектуалци од двете земји кои не се откажуваат од желбата за искрен дијалог во моменти за кои сметаме дека се критични, вели Владо Бучковски, кој е дел од оваа мрежа, за Утрински брифинг.
-Се обидуваме со граѓански ангажман да се спротивставиме на говорот на омраза на оние кои го искористија моментот на отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“. Оваа влада на Петков е на стаклени нозе. Мојата улога, пак, е поврзана со граѓанскиот сектор оти сметам дека напорите на политичарите не се доволни, вели Бучковски.
Тој смета дека поголема е нервозата во Софија отколку во Скопје, а политиката на ВМРО-ДПМНЕ е константна.
-Сметам дека треба да побараме и ние гаранции за заштита на идентитетот и ова да премине во надградба на договорот за пријателство, изјави Бучковски.
-Владата на Петков која најави дека ќе работи за иднината, а не за минатото предизвика нервоза во Бугарија. Тој беше изложен на напади и од националистите во Бугарија, но со право ги загуби и симпатиите во Македонија. Ние бараме точки што можат да нѐ поврзат. Двете земји се охрабрени од ЕУ дека сега е моментот да се постигне договор, но како да се нема расположение. Османи рече дека како да се затвора прозорецот, но не треба така, мора да се работи на приближување, вели Бучковски.