Буџетот за 2019 година ќе тежи 3,7 милијарди евра

Министерството за финансии предложи Буџетот за идната година да биде 3,7 милијарди евра, а буџетскиот дефицит да изнесува 288 милиони евра. Инвестициите ќе изнесуваат 418 милиони евра.

Буџетот за 2019 година е проектиран на раст од 3,2% на БДП.  Притоа, Министерството за финансии оди со проекции кои се во линија со есенските проекции на релевантните меѓународни институции, рече министерот за финансии. Се очекува економскиот раст да биде придвижен од солидната лична потрошувачка, континуирано високиот извоз и растот на инвестициите.

Стапката на инфлација треба да биде ниска и стабилна во 2019, и е проектирана на 2%. Во 2019 година се очекува раст на номиналната нето-плата за 4,5%, а стапката на невработеност да се намали на околу 20%.

– Клучна појдовна точка за Буџетот за 2019 година е продолжувањето на дисциплинираната фискална политика. Правецот во кој одиме е  умерена фискална консолидација или намалување на буџетскиот дефицит на 2,5% од проектираниот БДП за 2019 од 2,7% во 2018. Кај буџетскиот дефицит има намалување и во номиналниот износ во однос на 2018 година, односно половина милијарда денари помалку. Ова е во согласност со Фискалната стратегија, како и препораките на сите меѓународни организации. Умереното намалување на дефицитот влијае директно на помали потреби за задолжување, а со тоа и среднорочно стабилизирање на државниот и јавниот долг, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски.

МИА