Министерката за образование и наука Мила Царовска со видео обраќање се заблагодари на наставниците, учениците и родителите за успешно завршената учебна година во вонредни услови поради пандемијата.
Според Царовска, учениците добија квалитетна настава и непрекинат воспитно-образовен процес, а нивното здравје, безбедност и благосостојба беа заштитени, што за сите претставуваше најголема грижа. Сето ова немаше да биде возможно без несебична поддршка и помош од наставниците и родителите.
-Цврсто верувам дека со здружени сили сè може да се постигне полесно. Благодарение на вашиот заеднички придонес во овој процес, ова уште еднаш се докажа. И во овие услови, создадовме сплотена, грижлива и поддржувачка заедница со една цел – учениците да добијат квалитетно образование, а нивното здравје и безбедност да останат заштитени“, рече Царовска.
Царовска истакна дека посебно е горда на учениците кои со ова беа најмногу засегнати. Иако наставата на училиште и непосредната комуникација со соучениците и наставниците тешко може да се заменат, тие работеа напорно и со наставата на далечина покажаа висока продуктивност и одлични резултати. Недостатоците во знаењата кои нужно се појавуваат поради условите во кои се одвива наставата, пандемијата, но и новите начини на учење, заедно ќе се обидеме да ги надминеме следната учебна година, со цел да овозможиме успешно школување и добра иднина за нашите деца.
-Благодарност за сè што направивте да го поддржите учењето од дома. Балансирањето на семејниот и професионалниот живот некогаш не е едноставно. Како родител на дете во основно училиште, свесна сум дека следењето настава на далечина беше уште еден семеен предизвик со кој сите се соочивме. Ви благодарам за покажаната посветеност и подготвеност за соработка, кои беа суштински дел од успешното спроведување на овој процес, рече Царовска.
Министерката изрази благодарност и до сите учесници во воспитно – образовниот процес кој се реализираше со физичко присуство во училница, за доследното почитување на мерките за заштита на личното и јавното здравје, со што дадоа свој придонес за училиштата да не бидат трансмитери на заразата.