![nafta](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/01/nafta.jpg?resize=696%2C465&ssl=1)
Цените на нафтата се стабилизираа над нивото од 78 долари на меѓународните пазари во средата, бидејќи загриженоста за снабдувањето од Блискиот исток претежна над прогнозите за рекордно американско производство и стравувањата од побарувачката поради слабата економија.
На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше повисока за 72 центи од вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 78,31 долар. Речиси за исто толку поскапе и цената на барелот на американскиот пазар каде се тргуваше по 73,01 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно објави дека во вторник цената на барелот од референтната нафтена кошничка на нејзините членки била речиси непроменета на 78,28 долари.
Пазарите балансираат оваа седмица меѓу загриженоста за снабдување од Блискиот исток поради ескалацијата на вооружените конфликти во Појасот Газа и навестувањата за слаба побарувачка. Јеменските Хути продолжија да ги напаѓаат бродовите поврзани со Израел во Црвеното Море во знак на поддршка за Палестинците, а тензиите во регионот беа влошени со израелските напади врз Либан. САД, од друга страна, формираа коалиција која се обидува да ги пресретне нападите.
Цените се поддржани и од намалената понуда од Либија поради блокадата на нафтеното поле Шарара, кое може да произведува и до 300.000 барели дневно.
Истовремено, трговците стравуваат од побарувачката. Потпретседателот на Европската централна банка (ECB), Луис де Гуиндос, во средата изјави дека еврозоната најверојатно влегла во рецесија во четвртиот квартал од минатата година и дека изгледите за раст на активноста остануваат слаби.
Позначајното зголемување на цените беше запрено во средата со прогнозата на американската влада дека производството на нафта оваа година ќе достигне рекордно ниво.
„Се чини дека пазарот во моментов е добро снабден, што ги одржува цените блиску до ниските нивоа од претходните денови. Ништо што видовме во изминатите неколку недели не го менува тој факт, па пазарите флуктуираа, но на крајот тие не се поместуваа многу“, вели Крег Ерлам од брокерската компанија OANDA.