Народна банка ќе ги употреби расположливите правни средства за заштита на нејзиниот интегритет по настапите на сопствениците на Еуростандард банка откако беше донесено решението за укинување на дозволата за основање и работење, информираат во саботата од централната банка на Македонија.
Финансискиот регулатор во земјата ја известува јавноста дека сите мерки коишто оваа институција ги има преземено кон „Еуростандард банка” АД Скопје се за заштита на депонентите на споменатата банка која по одземањето на лиценцата за работ оди во стечај.
„Со ограничувањето на кредитирањето се заштитија депозитите на депонентите. Ако не се стореше тоа, Банката, депозитите на граѓаните и компаниите ќе можеше да ги пласира во кредити, а без да има доволен капитал. Народната банка мораше и на овој начин да ги заштити граѓаните и компаниите – депоненти на „Еуростандард банка” АД Скопје и го стори тоа. Сопствениците имаат законска обврска да обезбедат капитал за покривање на загубите на банката. Со вложениот капитал од сопствениците во 2019 година, Банката ги достигна минималните законски барања кои од денешна перспектива значат обезбедени дополнителни 11 милиони евра капитал во билансот на Банката”, се вели во писменото соопштение на Народна Банка.
Додаваат дека сопствениците не го обезбедиле потребниот капитал за првата половина од оваа година, ниту изнеле издржано и реално решение за пренесување на сопственоста на инвеститор којшто би извршил докапитализација на Банката во обем и со динамика кои би овозможиле нејзина одржливост, со оглед на состојбата во која Банката се наоѓала.
„Стручните служби и раководството на Народната банка, свесни за сериозноста на состојбата во Банката, но и за поширокиот контекст на пандемијата на ковид-19, вложија максимални напори, во законски рамки, да се изнајде поповолно решение. Во интензивната комуникацијата со сопствениците, Народната банка постојано јасно укажуваше на сериозноста на состојбата во којашто се наоѓаше Банката и инсистираше на итна докапитализација, потенцирајќи дека ако не се случи докапитализација, Народната банка ќе нема друг избор освен преземање на најстрогата мерка – укинување на дозволата за основање и работење на Банката”, се вели во соопштението.
Од Народната банка уверуваат дека дејстввуаат како независна институција и при вршење на своите законски утврдени цели и задачи која во своето работење се води исклучиво од законите кои подеднакво важат за сите.
„Сите мерки коишто ги презеде Народната банка беа во насока да не се дозволи „Еуростандард банка” АД Скопје одново да презема ризици, а без соодветен капитал за нивно покривање, коишто би биле на штета на депонентите и доверителите“, додаваат.
На крајот од информацијата, се наведува дека граѓаните треба да бидат спокојни, зашто банкарскиот систем „е и останува стабилен и сигурен“, а „стабилни и сигурни“ се сите други банки, како и штедилниците.