Челниците на Г7 ќе го повикаат Путин на одговорност за неселективни напади

Челниците на групата Г7, индустриски најразвиените земји во светот, ги осудија руските масивни ракетирања на воени и енергетски цели во градовите ширум Украина во понеделникот утрото, и порачаа дека рускиот претседател Владимир Путин и другите одговорни за тоа ќе ги повикаат на одговорнсот.

„Ги осудуваме овие напади со најсилно можни изрази и потсетуваме дека неселективните напади врз невиното цивилно население е воено злосторство“, се вели во заедничката изјава објавена по разговорот со украинскиот претседател Владимир Зеленски.

Претходно во вторникот руското Министерство за одбрана објави дека во ракетирањата во 15-ина градови и локации во Украина, во кои според украински извори загинале 12 луѓе а уште 80 биле ранети, биле погодени „објекти на воената команда и енергетскиот систем на Украина“.

Членките на Г7 се обврзаа да ѝ помагаат и натаму од Украина „сѐ додека е потребно“, според заедничката изјава.

„Ќе продолжиме финансиски, хуманитарно, воено, дипломатски и по правен пат да ја помагаме Украина колку и да биде потребно.. Го уверуваме претседателот Зеленски дека сме непоколебливи во ветувањата да ѝ помогнеме на Украина да го сочува својот суверенитет и територијален интегритет“, велат натаму челниците на Г7.

Зеленски од челниците на „седумката“ барал да ѝ испорача на Украина уште оружје за да ѝ се спротистави на Русија, а побарал и да ја поддржат и неговата иницијатива за поставување „набљудувачка мисија“ на границата со Белорусија.

Минск во понеделникот објави дека изминатите месеци регистрирал повеќе погранични провокации од страна на Украина дури и истрелување проектили, како и дека белоруските опозициски радикали кои се борат на страната на Киев се подготвуваат во Украина, Полска и Литванија, да изведат терористички акции и бунт во Белорусија. Тоа на Западот и во Киев беше протолкувано како можна најава за наводно вклучување на Белорусија во украинската војна, откако во рамките на договорот за заедничка државна организација со Русија, Минск најави заеднички сили на белоруската граница.

„Украина не планира да ја нападне Белорусија“, тврдеше Зеленски, но рече дека сака да биде сигурен дека северниот сосед не му се заканува.

Зеленски се обрати на средбата на челниците на Г7 ден по масовното руско ракетирање, при што проектил во Киев падна и близу една од локациите кои тој ги користел, и ја повика меѓународната заедница да наметне нови санкции против Русија и повторно ги отфрли мировните преговори со рускиот претседател Владимир Путин.

„Кога Украина ќе добие доволно количество модерен и ефикасен систем за воздушна одбрана, тогаш ќе престане клучниот елемент на рускиот терор, а тоа се ракетните напади“, уверува Зеленски.

Му се заблагодари на германскиот канцелар Олаф Шолц чија земја во вторникот го испорача првиот од четирите ветени противвоздушни системи „IRSS-T“, кои беа планирани за ноември, но останатите три ќе бидат испорачани дури следната година. Му се заблагодари и на американскиот претседател Џо Бајден кој во телефонскиот разговор изминатата ноќ му ветил испорака на напредни противвоздушни системи.

„Се надеваме претседателе, дека тоа ќе биде систем со среда до долга одбрана што ќе овозможи да воспоставиме одбранбен систем во повеќе нивоа“, рече Зеленски.