Министрите за надворешни работи на блокот земји БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република) во четвртокот ја зацврстија амбицијата на растечкиот блок во спротиставувањето на доминацијата и диктатот на ткн колективен Запад, но клучните точки од нивните разговори во Кејп Таун ги засенија оркестрираните настапи на западните медиуми со прашањата дали на закажаниот самит во Јоханесбург би бил уапсен рускиот претседател Владимир Путин.
Јужноафриканската министерка за надворешни работи Наледи Пандор изјави дека нејзината земја разгледува опции доколку Владимир Путин по кој е распишана потерница од Меѓународниот кривичен суд во Хаг, се појави на самитот на БРИКС од 22-ри до 24-ти август во Јоханесбург.
Хашкиот трибунал го товари Путин за наводно злосторство со наводни депортации на деца од воените области во Украина во Русија, што Москва го отфрла и возврати со распишување потерници против обвинителите на судот во Хаг. Интересно е што овој суд никогаш не е признат од Украина, како и од САД кој има и закон дека може да преземе воена акција доколку Трибуналот поведе постапка против некој американски државјанин, по што и Русија пред доста години конечно се одлучи да не ја признае неговата јурисдикција.
Меѓутоа, ЈАР е членка на Хашкиот трибунал и теоретски би требало да го уапси Путин, но веќе најави дека поради тоа може да го суспендира своето членство во судот, откако веќе официјално го покани рускиот претседател. Кремљ досега не потврди дали Путин ќе оди во Јоханесбург, но порача дека на состанокот на врвот земјата ќе биде претставувана на „соодветно ниво“.
Така, иако станува збор за блок кој веќе најавува дека ќе ја следи политиката на Кина и по најавата на Саудиска Арабија за приклучување на Новата инвестициона банка на БРИКС, за создавање мултиполарен свет, министерката Пандор беше бомбардирана со прашањата за Путин, откако стаса на првата рунда на преговорите со колегите од Бразил, Русија, Индија и Кина., кој продолжува во петок.
„Одговорот е дека претседателот (Сирил Рамафоса) ќе одлучи која е конечната позиција на Јужноафриканската Република. Како што сега стојат работите, поканата им е упатена на сите шефови на државите“, рече Пандор.
Подоцна на заедничката прес-конференција министрите настојуваа да ги избегнат прашањата за Путин, и го задржуваа фокусот на градењето на своето влијание во мултиполарниот свет.
Индискиот министер за надворешни работи Субрајманјам Џаишанкар зборуваше за концентрацијата на моќта за којашто рече дека „премногу нации ги остави на милост и немилост на неколкумина“ и за потребата да се формира глобално носење на одлуките, вклучително и во Советот за безбедност при Обединетите нации.
„Не може новите ситуации да се решаваат на старите начини. Ние сме симболот на промените. Мораме да дејствуваме“, порача шефот на дипломатијата на Индија.
БРИКС до минатата година беше сфаќан како лабав и главно симболична форма на соработка меѓу економиите во подем, но последните неколку години доби многу поконкретна форма, што првично го поттикнуваше Кина, а потоа и Русија особено по нејзиното конечно разидување со Западот по почетокот на нејзината инвазија во Украина.
Министрите, исто така, разговараа и за плановите за потенцијалните приеми на новите заинтересирани членки во блокот, веќе на претстојниот самит. Пандор изјави дека е потребно време за тоа и дека се надева оти извештајот за тоа ќе биде достапен до самитот во август.
Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емират, Иран, Аргентина, Алжир и Венецуела, а размислува и Турција, се наоѓаат на листата земји кои веќе поднеле официјално барање за членство или изразиле интерес.
Кинескиот заменик министер за надворешни работи Ма Жау изјави дека неговата земја би била среќна што повеќе земји да му се приклучат на БРИКС, бидејќи тоа би го зголемило влијанието на блокот и би му дало повеќе моќ во служба на интересите на земјите во развој.
„БРИКС е инклузивен (вклучителен)…. што претставува остар контраст на малите кругови на некои земји, и затоа верувам дека зголемувањето ќе биде полезно за земјите…“ од блокот, додаде Ма.
Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолајхиан и неговиот саудиски колега принцот Фејсал бин Фархан ал-Сауд беа присутни во текот на разговорите во Кејп Таун, кои ќе продолжат во петокот.