Черних: Да се врши сеизмички мониторинг на сите брани во државата

Стопанската комора за енергетика иницира да се врши сеизмички мониторинг на сите брани во државава со цел да се намали сеизмичкиот ризик. Од Сеизмолошката опсерваторија при Природно математичкиот факултет во Скопје, кои вршат таков мониторинг само на браната Козјак, сметаат дека ова прашање треба се регулира со закон.

Со меморандумот за соработка што го потпишаа денеска првите луѓе на Стопанската комора за енергетика на Македонија и на Сеизмолошката опсерваторија во рамки на 4. Меѓународна конференција за енергетика, треба да се поттикнат активности за сеизмички мониторинг на браните на територијата на државава.

– Сеизмички мониторинг на индуцираната сеизмичност, бидејќи знаеме дека со секоја акумулација се променува режимот на тектонските напрегања во околината и можност за појава на индуцирани земјотреси или крајно за појавување земјотреси таму каде што досега немало или пак појавување раседи или тригерирање на земјотреси во постоечките раседи. Значи, да се овозможи заштита, да се намали сеизмичкиот ризик и да се заштити околината и населението од таквите можни случаи, изјави Драгана Черних, директор на Сеизмолошката опсерваторија, која на конференцијата зборуваше за земјотресите како можен проблем при пукање на брани и поплави на населени места.

Како што информира Черних, повеќе од 10 години прават саеизмички мониторинг само на езерото Козјак, каде имаат три сеизмолошки станици. – Анализата за тоа што се променило во споредба со периодот од пред браната покажува дека се зголемил бројот на слаби земјотреси коишто се наоѓаат во непосредна близина до езерото во радиус од 10 до 20 километри од сеизмолошките станици. Но, како  што знаеме, подготовката на земјотресот не е брза, не е од денес за утре, туку таа може да трае повеќе години. Така што, мора да имате некаков мониторинг, набљудување и податоци за одредено подрачје за да можете да направите анализа и да знаете што може да очекувате, изјави Черних.

Таа вели дека нема увид за останатите брани и оти е неопходно со закон да се уреди обврската за сеимички мониторинг. Со тоа ќе се зголеми бројот на сеизмолошки станици, ќе се подобри мрежата и анализата на сите податоци, бидејќи ќе имаме поквалитетни податоци кои ќе може да дадат посериозна анализа затоа што е различно да имате податоци од пет и од 30 мерни станици, укажува Черних.

Потсетува на општото правило во сеизмологијата дека таму каде што имало земјтреси ќе има повторно и порачува не можеме да се заштитиме на друг начин освен објектите што  ги градиме да бидат направени така за да го издржат дејството на земјотресот. Тогаш ќе  бидеме заштитени и нема да дојде до загуба на човечки животи и  материјална штета.

Ѓорѓи Манасков, претседател на Стопанската комора за енергетика, потенцираше дека мерењата се многу важни за да се намалат ризиците од пукање на браните.

– Со самото глобално затоплување во светот ќе дојде до покачување на нивото на водата, а тие водени плочи ќе ги натиснат земјините плочки и ќе почне нестабилност  на земјината структура, каде што браните стануваат потенцијален проблем. Доаѓа до  можност за пукање и затоа мора да се вршат мерењата што се многу важни за една земја да знаеме што точно се случува на тлото на нашата држава за да не дојде до пукање, изјави Манасков.

Како проблем тој го потенцира и фактот дека општините ги немаат потребните елаборати на кои се обврзани со член 126 од Законот за брани. Обрзани се да водат детална евиденција за поплави на населението и за евакуација и реакција во таков случај.

На конференцијата се дебатира и на темите „Економската и енергетската финансиска стабилност во државата“,  „Инженерските активности во енергетиката“, „Животната средина во енергетиката-проблеми и решавање“, „Големите брани и поволности“…