Болеста син јазик се појави и во Чешка, соопшти Министерството за земјоделство, што сигнализира ширење на вирусот кој веќе ги зафати Холандија, Белгија и Германија.
Болеста е откриена со лабораториско тестирање кај овни за приплод на фарма во Јиндричовице во областа Соколов, во близина на границата со Германија, објави во четвртокот чешкото министерство.
Заразениот овен покажал типични симптоми на болеста, вклучувајќи треска, назален исцедок, отежнато дишење и губење на апетитот. Чешките ветеринарни власти поставија зона за ограничување на радиусот од 150 километри околу фармата, со што се пропишува дека говедата, овците и козите може да се преселат во други области само под строги услови.
Болеста син јазик се појави во Холандија, а потоа се прошири на југ и на запад, а случаи беа пријавени и во Белгија и неколку делови на Германија.
Вирусот не е опасен за луѓето. Се пренесува преку комарци, а главно се шири меѓу овците и говедата, иако на него се подложни и лами, алпаки, кози и диви преживари. Одреден степен на заштита од болеста може да се постигне со вакцинација.