Честитка на Мицкоски до католичките верници: Божик учи на солидарност, да споделуваме и да им помагаме на оние на кои тоа им е потребно

Празникор Рождество Христово –  Божик учи на солидарност, да споделуваме и да им помагаме на оние на кои тоа им е потребно, се истакнува во честитката до верниците кои го прославуваат празникот според Грегоријанскиот календар, која во неделата ја упати новиот челник на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Посакувајќи пријатни празнични мигови, среќа и благосостојба во домовите на верниците, Мицкоски во својата порака порачува:

„Нека Рождеството Христово роди нова надеж во Вас, нека донесе светлина во Вашите домови и многу радост, среќа и здравје на Вас и Вашите најблиски. Славењето на Рожденството Христово значи славење на љубовта, победата над предрасудите и разликите. Божиќ е празник на семејството. Божиќната радост треба да биде споделени со најмилите и најблиските. Божиќ учи на солидарност, да споделуваме и да им помагаме на оние на кои тоа им е потребно. Божиќ учи да бидеме човечни и да ги сакаме нашите блиски, но и луѓето кои не ни се блиски. Толеранцијата и почитувањето е темел на Христијанството“, стои во честитката од Мицкоски до Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, д-р Киро Стојанов и до сите верници од католичка вероисповед во Република Македонија и се додава:

„Во овие моменти најмногу ни требаат овие вредности. И кога добрината е нападната од нечесност, во времиња кога притисоците и одмаздата стануваат основна детерминанта во општеството, а стравот кај луѓето главно чувство, да не заборавиме на разумот и мудроста. Да не заборавиме дека времето потрошено на омраза, значи помалку време за добрини и напредок. Дозволете ми уште еднаш до сите верници кои го слават католичкиот Божиќ да го честитам овој голем празник. Ви ги упатувам моите најсрдечни поздрави. Ви посакувам многу мир и спокој. Нека Бог го осветли Вашиот пат. Нека донесе многу радост во вашите домови“.