Четворица од повредените во експлозијата на плинска боца во Романовце се уште во животна опасност

Здравствената состојба на повредените од експлозијата на плинска боца во кумановско Романовце е тешка. Во опасност се уште четири лица. Седумте повредени се наоѓаат во Ургентниот центар во Скопје и градската болница „Свети Наум Охридски“. Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека за лицата кои се борат за своите животи, се преземаат сите мерки на интензивно лекување.

Роднините не можеа да се воздржат од тага. Шокирани, истакнаа дека не можат да зборуваат пред камерите. Плачеа и се молеа за повредените.

Низ ходниците на Центарот за итна хирургија, роднините се движат од еден во друг агол чекајќи информации за здравјето на нивните најблиски. Според нив, плинската боца експлодирала утрово додека жените во таа куќа подготвувале појадок.

Ова не е единствениот случај кога поради плинска боца настрадале луѓе. Во декември минатата година, како резултат на ваква експлозија во стан во Скопје, еден човек беше тешко повреден со изгореници од четврт степен. Плинска боца експлодираше и во мај минатата година, но за среќа немаше жртви или повредени.