Чулев: АНБ сѐ уште има техничка можност да прислушува

Оптичкиот кабел, кој наместо од Оперативно техничката агенција (ОТА) директно да оди до МВР, продолжува и до Агенцијата за национална безбедност (АНБ), рече на денешната прес-конференција, министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.

Агенцијата за национална безбедност или по старо Управата за безбедност и контраразузнавање, сѐ уште има можност да има увид во прислушуваните разговори кои ги снима Оперативно техничката агенција, тврди Чулев.

Додеде дека АНБ ја задржала посредничката улога, а следењето на комуникацијата наместо директно во МВР, оделп преку АНБ, што според Чулев е спротивно на препораките на Рајнхард Прибе за реформи во безбедносниот сектор.

„Сега спротивно на законот оптичкиот кабел наместо директно да оди до Министерството за внатрешни работи е оставен да оди од Оперативно техничката агенција преку Агенцијата за национална безбедност па после до МВР. Значи на овој начин, јас не знам и не тврдам дека АНБ врши незаконско следење на комуникации, меѓутоа спротивно на законот техничката можност е останата“, рече Чулев.

„АНБ сѐ уште ја има задржано посредничката улога, што во суштина значи дека сѐ уште постои техничка можност АНБ да има увид во следењето на комуникациите кои се спроведуваат за потребите на кривичните истраги спроведувани и во надлежност на МВР“, појасни Чулев.

Чулев не тврди дека во Агенцијата се врши незаконско прислушкување, но го повика Обвинителството да го истражи случајот. Тој побара обвинителството по допрен глас да ги провери неговите информации и да утврди дали некој прислушува – ваква пријава е поднесено во Обвинителството уште лани во октомври при трансферот од УБК во новата Агенција за национална безбедност.