Кошаркарите на московска ЦСКА во петокот вечерта му се придружија на турски Анадолу Ефес во финалето на завршниот турнир на Евролигата во шпанскиот град Виторија-Гастеиз откако го победија аткуелниот европски шампион Реал Мадрид со 95:90, надоместувајќи 13 коша заостанување.
Реал кон крајот на третата четвртина имаше водство од 71:58, но ЦСКА со голем пресврт израмни на 80:80, а потоа во неизвесната завршница стаса до победата. Рускиот шампион последната четвртина ја доби со 30:17.
ЦСКА до победата ја водеа Нандо де Коло и Серхио Родригез со по 23 коша, додека кај Реал најефикасни беа Фабиен Кисер со 18 и Серхио Љуљ со 13 коша.
ЦСКА досега беше првак на Европа седум пати, а последен пат во 2016 година. Во финалето ќе се соочи со турскиот претставник Анадолу Ефес кој во судирот на турските трофејни клубови оствари убедлива победа од дури 19 поени разлика, изборувајќи го своето прво финале откако досега двапати, во 2000 и 2001 година, беше трет на турнирот на четирите најдобри екипи.
Натпреварот за третото место и финалето се на програмата во недела.