Да се најде начин за ветинг пред доаѓање на фунциите, порача американската амбасадорка Агелер

Процесот на ветинг е многу важен и е предизвик, особено во правосудниот систем, рече во своето вечерашно гостување во емисијата „Патот кон“ на ТВ Алсат американската амбасадорка во земјава, Ангела Агелер. Според неа многу е важно овој процес, доколку се направи, да биде целосно транспарентен и фер.

„Ветингот може да биде многу предизвикувачки, како што видовме во некои други држави каде што не функционираше добро. Тоа е особено предизвик во правосудниот систем поради потребата да се проценат оние кои се веќе на позиција и во систем каде што веќе постои корупција, многу е важно да се осигураме дека тој процес е целосно транспарентен и фер. Проверката во САД се врши пред да се дојде на функција. Немаме доволно време да ви ја опишеме маката низ која поминав за да бидам номинирана и потврдена за амбасадор на САД. Се надевам дека оваа земја ќе најде начин да го придвижи процесот на ветинг пред луѓето да ги преземат своите позиции, на начин кој е најдобар за таа институција“, рече Агелер.

Американските санкции не значат правна одговорност за тие луѓе овде, рече амабсадорката во врска со ткн „црна листа“ на САД и додаде дека институциите во државата се тие што треба да одговорат на корупцијата.

„САД може да санкционираат поединци, но ние не ги затвораме, не доаѓаме овде и ги апсиме, само им кажуваме дека им наметнуваме одредени финансиски санкции или дека повеќе нема да можат да патуваат во САД, или каква било форма на санкции што ќе ги добијат. Она што е многу важно, и овде ќе се вратам на мојата претходна намера, е што се случува овде, што се случува во оваа земја. Нашите санкции не ги менуваат правните процедури или спроведувањето на законите во оваа земја. Така, САД можат да кажат, еве две имиња на луѓе што ќе ги санкционираме, и како што видовме со случаите што ги наведовте, санкциите остануваат без оглед на судските одлуки што се донесени за тие лица, но тие не овде не поттикнуваат судски спорови. Ова е на Владата на Северна Македонија, ова им припаѓа на функционерите избрани од народот на оваа земја. Треба да кажат: бараме од нашите избраници да преземат одговорност за корупцијата што ја гледаме секојдневно“, изјави амбасадорката Агелер.

Во продолжение амбасадорката, меѓу другото, се осврна и на важноста на градењето на Коридорите 8 и 10Д. Запрашана за компанијата за надзор, за која е пријавено дека има криминално потекло и сомнежи за „руски пари“, Агелер одговори дека тоа е посебно прашање од договорот со „Бехтел-Енка“ кој беше потпишан пред десетина дена.

„Многу сме задоволни што ја имаме оваа добро позната и почитувана американска компанија ‘Бехтел’, која ја покажа својата стручност и способност да завршува проекти со висок квалитет и глобален стандард, во временски рамки и во рамки на буџетот од претходно, како што видовме во Косово со нивниот фантастичен проект таму и проектот на кој работат во Србија. Многу сме среќни што имаме американска компанија присутна во најголемиот инфраструктурен проект. Ова е одвоено од обвиненијата против советниците за финансиски трансакции. Она што постојано го кажуваме е дека доколку има наводи за корупција, истражете ги. Истражете ги сомнежите и доколку се вистинити, покренете кривично гонење! Но, многу сме сигурни дека тие не се за ‘Бехтел’“, рече Агелер.