Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, денеска во Хаг оствари средба со холандскиот министер за финансии Жерон Дајселблум, кој воедно е и претседател на групата министри за финансии во Еврозоната.
На средбата Ставрески-Дајселблум беа дискутирани перспективите на европската, но и македонската економија. Од страна на Дајселблум беше истакнато дека македонската економија е витална и дека остварува добри резултати и покрај општите состојби во европската економија. Тој даде позитивна оценка за постигнатиот економски раст на Македонија во услови на европска должничка криза, како и задржувањето на ниското ниво на задолженост, кога државниот долг кај речиси сите земји во регионот и Европа расте.
Тема која се покрена на средбата беше и бизнис климата во Македонија, каде холандскиот министер за финансии изрази особен интерес за реформите кои се спроведуваат, како и огромниот скок на Македонија на ранг листата на Дуинг бизнис на високото 25 место и константното вбројување на земјава во топ реформатори во светот 6 години по ред.
Дајселблум истакна дека очекува позитивни движења во европската економија во наредниот период, што секако ќе има влијание врз македонската економија и на нејзиниот раст.
На средбата вицепремиерот Ставрески договори билатерална соработка на македонското со холандското министерство за финансии, пред се во размена на искуства и стручна поддршка во областа на буџетот и јавниот долг.