Дали откажува послушност партиската „пешадија“ на СДСМ? „На Илинден да си ги викнете дебелите директори и функционери што јадат шкампи!“

Каде ви се ликовите со по три до пет вработени по фамилија? Каде ви се директорите со дебели газови што јадат шкампи по елитни ресторани додека дел од членството нема пари да си плати кафе? Каде ви се спонзорушите и мисиците, кои ги топорите на слики кога има владин хепенинг“ – пишува еден експониран активист на СДСМ, објави Плусинфо.
Дали за празникот Илинден во Крушево се подготвува „пресметка“, некој тоа би го нарекол циркус, меѓу двете најголеми македонски партии, во која тие ќе се обидат да си ја „измерат“ народната поддршка што ја уживаат?

И двете партии на разни начини се обидуваат да го мобилизираат своето членство да присуствува на прославата на Мечкин Камен, со неизвесен исход. Со оглед на напнатата политичка ситуација, по прифаќањето на т.н. Француски предлог во Собранието, и со оглед на досегашната неславна традиција, не се исклучени провокации за време на прославата, иако сепак посериозни инциденти не се очекуваат. Полицијата вели дека презема мерки за да не дојде до инциденти, ниту меѓу двете групи партиски навивачи, ниту меѓу народот и политичарите.

Владината делегација на прославата на Мечкин Камен во Крушево ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски. Во негова придружба ќе бидат вицепремиерите Артан Груби и Славица Грковска и министрите Оливер Спасовски и Бисера Костадиновска-Стојчевска. Владината делегација изутрината ќе се поклони пред гробот на Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива, потоа ќе присуствува на панихида за загинатите Илинденци во црквата „Св. Никола“, а церемонијата на Мечкин Камен ќе почне во 11:30 часот, со свечен говор на премиерот Ковачевски.

Во пресрет на празникот СДСМ со циркуларни СМС-пораки ги кани своите членови и поддржувачи да присуствуваат на прославата во Крушево, информирајќи ги дека за таа прилика е обезбеден бесплатен автобуски превоз, кој тргнува од Цветниот пазар во Капиштец. Во пораката што ја добивме од член на СДСМ се вели дека „сите кои сакаат може да присуствуваат на настанот“.

Богданка Кузевска, портпарол на СДСМ, вели дека и оваа година, како и секоја, се организира превоз на граѓаните за присуство на прославата во Крушево, но тој е за сите заинтересирани граѓани, а не само за ченовите на СДСМ и оваа година по ништо не се разликува од она што се правеше секоја година во минатото, со исклучок на минатата година поради пандемијата со ковид.

– Илинден е празник кој обеднува. Ако некој на најголемиот државен и национален празник планира или предизвикува инциденти, тоа е сквернавење, омалаважување и газење по вредностите на илинденците и по неговото значење. СДСМ ги повикува граѓаните да се вклучат во прославата на Илинден, масовно, гордо и достоинствено, да се обединиме заедно зад идеалите на илинденците, револуционерите, асномците, зад значењето на заедничка борба за стабилна, слободна, независна и просперитетна држава. Илинден е нашата сила за европска иднина и овој празник заслужува да му се оддаде висока почит – вели Кузеска.


Истовремено во некои фејсбук-групи блиски на опозицијата се објавија партиски пораки, чија автентичност не може да се утврди, според кои активисти на СДСМ наводно добиваат категорични „директиви“ задолжително да учествуваат на прославата во Крушево. Опозициските портали побрзаа ова да го прикажат како доказ дека СДСМ „со сила ги тера своите приврзаници да одат на прослава“, за, како што обвинуваат, „да му го држат стравот на предавникот Ковачевски“.
Некои активисти на СДСМ, кои со години верно агитираат на Фејсбук во интерес на својата партија, го искористија моментот за јавно да го искажат своето незадоволство од „третманот“ на нивната партија, која не нашла начин доволно да им се „оддолжи“ за заслугите.

„Што сме ние, компири за ставање во вреќа? Каде ви се ликовите со по три до пет вработени по фамилија? Каде ви се директорите со дебели газови што јадат шкампи по елитни ресторани додека дел од членството нема пари да си плати кафе? Каде ви се спонзорушите и мисиците, кои ги топорите на слики кога има владин хепенинг“ – пишува еден експониран активист на СДСМ на својот профил на Фејсбук.

Лидерот на партијата Левица Димитар Апасиев тврди дека има „инсајдерски информации“ дека лидерот на СДСМ дал „директива до членството, на Илинден сите да се нацртаат на Мечкин Камен – за да глумат вештачка “народна поддршка”. Тој е уверен дека и покрај тоа „кај и да е ќе бидете исвиркани“.

Според Павле Трајанов, лидер на Демократски сојуз и поранешен министер за внатрешни работи, мобилизирањето на партиското членство, инцидентите и провокациите, се редовна појава на сите прослави на Илинден, особено во Крушево.

– Да ве потсетам дека дури и Киро Глигоров една година беше испрскан од непозната течност, како што велевме тогаш, од една госпоѓа. Можни се провокации, исвиркувања, нервоза, со оглед на политичката напнатост во земјава, но посериозни инциденти не очекувам. Претпоставувам дека МВР ги има преземено стандардните мерки за вакви ситуации, особено годинава очекувам да биде вoспоставено поголемо растојание помеѓу говорниците на Мечкин Камен и посетителите, за да се намали можноста за провокации, фрлања предмети или слично. Очекувам да има негодувања, исвиркувања, тоа е и демократски и прифатливо, но не верувам дека ќе има организирани, планирани инциденти. Сметам дека и покрај сè празникот ќе се одбележи безбедно и достоинствено. Сепак, тоа е важен национален празник и не е убаво да сме сведоци на немили сцени – вели Трајанов.

Премиерот Ковачевски, во пригодна објава во пресрет на празникот одаде признание на борците од Крушевската Република и на сите борци кои ги положија животите во темелите на нашата Република:

„Крушевската Република е симбол на нашата, македонска самобитност и непокор, на нашата континуирана борба за слобода и подобро утре, на нашата заложба за мултикултурно и мултиетничко општество. Илинденците со оружје во рака се бореле за нашата генерација денес да може да води други, поинакви битки, битка за просперитет, подобра иднина и напредок за сите граѓани во Република Северна Македонија“ – се вели во објавата на Ковачевски во која тој уште еднаш информира дека ќе ја предводи владината делегација на прославата во Крушево.