Дебакл на Аргентина во Мадрид, Србија ја совлада Нигерија

Фудбалската селекција на Аргентина, еден од фаворитите на претстојниот мундијал во Русија доживеа вистински бродолом во Мадрид каде беше совладана од Шпанија со 1:6, додека во Лондон Србија беше подобра со 2:0 од Нигерија.

Во најатрактивниот дуел во вторникот вечерта, по оној во Берлин каде што Бразил ја совлада со 1:0 Германија, Шпанија на стадионот „Ванда Метрополитано“ ја демолираше Аргентина со 6:1, нанесувајќи им го на „Гаучосите“ еден од најтешките порази во историјата. Со идентичен резултат Аргентина била поразена од Чехословачка на светското првенство во 1958 година во Шведска, и од Боливија во 2009 година во квалификациите за Светското првенство во 2010 година.

Аргентина повторно настапи без Лионел Меси кој според лекарите закрепнал од повредата на адукторот, но селекторот Хорхе Сампаоли не сакаше да ризикува со неговиот настап.

Шпанија поведе во 12 минута со натурализираниот бразилски играч Диего Коста на кој ова му биеше шести гол во последните шест дуели во коишто ги започнуваше натпреварите за „Црвената фурија“, но последен пат играше од првата минута по јуни 2016 година. На 2:0 зголеми Иско во 27 минута, а повторно асистент за голот беше Асенсио. Аргентина успеа да намали во 37 минута со погодокот на Отаменди по нафрлувањето на Евер Банега од корнер. Во продолжението настапи потоп за Аргентина, а по два гола постигнаа Иско во 52 и 75 и Аспас во 55 и 73 минута.

Во мечот одигран во Лондон, Србија ѝ го нанесе првиот пораз на Нигерија по серијата од девет натпревари. „Супер орлите“ од Африка во Вроцлав ја совладаа Полска со 1:0, но во вторникот настапија без Келечи Ихенач и Огенекар Етеба, како и без капитенот Џон Оби Микел. Двата гола за Србија ги постигна Александар Митровиќ во 68 и 81 минута со две асистенции на Филип Костиќ. Митровиќ беше прецизен и во 13 минута, но голот беше поништен иако топката ја мина гол-линијата. Напаѓачот на Фулам по изведен корнер шутираше од пет метри со глава, на нигерискиот голман Усоху топката му мина под раката и ја мина гол-линијата, но судиите не реагираа.

Нигерија имаше повеќе од играта во првото полувреме, но не успеа да го совлада српскиот голман. Најдобрата шанса ја имаше Ивоби во 22 минута, кога напаѓачот на Арсенал направи успешен пробив и шутираше кон голот на Стојкович, но Коларов го блокираше речиси сигурниот погодок.