Дел од отпуштените луѓе поради корона кризата два месеца ќе останат без никаква помош од државата, односно најмалку до јуни нема да добијат ниту еден денар. Се уште не им биле одобрени барањата за априлската парична помош која што ја вети Владата, а и доколку им бидат одобрени истите, парите нема да ги добијат веднаш. Ваква порака добиле дел од граѓаните, откако прашале во Агенцијата за вработување, кога ќе ги добијат средствата, кои за многумина се клучни да ги преживеат овие месеци, кога останаа без работа поради пандемијата од Ковид 19.
-Почитуван, пред два дена стигнале потребните податоци од Фондот на ПИОМ кои се потребни за одлучување по Вашето барање. Во најскоро време ќе биде решено барањето, но исплатата ќе биде во наредниот месец, бидејќи еднаш месечно се врши исплата на паричниот надоместок, пишува во пораката на Месинџер од Агенцијата за вработување.
Рокот во кој Агенцијата за вработување треба да донесе решение дали го прифаќа барањето е 30 дена, што во овој случај е поминат. Дел од луѓето кои ја контактираа редакцијата на Алфа, барањето го поднеле на 6 април, од тогаш се поминати 35 дена. Додека кај некои податоците од Фондот за пензиско осигурување се стигнати, други и понатаму се заглавени во институционалните лавиринти.
-Почитуван, Вашето барање се е во фаза на одлучување, чекаме податоци од Фондот на ПИОМ, пишува во пораката на Месинџер.
Сепак и покрај ветувањето на Владата за помош на оние кои останаа без работа, дел од луѓето се одбиени, потврдуваат од Агенцијата за вработување за Алфа телевизија. Додека пак 2.000 барања поднесени меѓу 11 март и 8 мај се уште чекаат.
-Позитивно се решени 1800 барања, 100 барања се одбиени поради неисполнување на условите за остварување на ова право, а во тек е обработка на останатите барања, велат од Агенцијата за вработување.
Граѓаните кои чекаат се надеваат на позитивен одговор, но велат дека секој ден минат без средствата кои Владата им ги вети е се потежок и потежок.