2.8 C
Skopje
вторник, декември 24, 2024

Денес се навршуваат 28 години од смртта на Блаже Конески

На денешен ден, во 1993 година, почина академик Блаже Конески, еден од најистакнатите македонски културни дејци, писател, врвен поет и научник, чие творечко истражување дало огромни резултати во македонската литература, во областа на граматиката и во историјата на македонскиот јазик и во областа на културната историја на македонскиот народ.

Блаже Конески бил прв претседател на Друштвото на писателите на Македонија, прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите, почесен доктор на Чикашкиот универзитет и на Универзитетот во Врацлав.

Неговото прво дело, поемата „Мостот“, ја објавил непосредно по војната во 1945 година, а потоа следуваат „Земја и љубовта“, „Песни“, „Везилка“, „Лозје“, „Записи“, „Стари и нови песни“, „Чешмите“, „Послание“, „Светото на песната и легендата“ и други.

Автор е на повеќе значајни трудови, меѓу кои и на „Граматика на македонскиот јазик“, „Историја на македонскиот јазик“, „Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици и јазикот на македонската поезија“. Во македонската современа општествена стварност, во смисла на одбрана на македонската држава и македонскиот јазик, како темели на македонскиот национален и историски идентитет е позната неговата максима: „Јазикот е нашата единствена целосна татковина“. Покрај другите награди, добитник е на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1981 година.

Од 4 јуни 1997 година Филолошкиот факултет во Скопје го носи неговото име.

Блаже Конески е роден во селото Небрегово, Прилепско, на 19 декември 1921 година. Годинава со повеќе настани беше одбележана 100-годишнината од неговото раѓање. Денот кога е роден Конески, 19 декември, е ставен и на листата на значајни јубилеи на УНЕСКО што се одбележуваат во 2021 година.