Денеска се слават светите Козма и Дамјан

Според календарот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, во неделата се празнуваат светите Козма и Дамјан.

Бесребреници и чудотворци. Браќа по тело и по дух, родум негде од Азија, од татко незнабожец и мајка христијанка. По смртта на татко им нивната мајка Теодотија целото време и труд ги даде на тоа да ги подигне и воспита синовите како вистински христијани. И Бог и помогна, та нејзините синови израснаа како две слатки овошки и како два светилници на светот. Беа научени на лекарската вештина и бесплатно им помагаа на болните не толку со лекови колку со името на Господ Исус Христос. Ги нарекоа бесребрени лекари, бидејќи лечеа бесплатно и така ја исполнуваа Христовата заповед: „Бесплатно примивте, бесплатно давајте!“ (Матеј 10, 8). Беа толку внимателни во бесплатното лечење на луѓето што Козма вистински се налути на својот брат Дамјан зашто овој зеде три јајца од една жена Паладија, па нареди Козма по неговата смрт да не го закопуваат до брат му Дамјан. Всушност Свети Дамјан не ги зеде оние три јајца како награда зашто ја исцели болната Паладија, туку затоа што таа го заколна со Пресвета Троица да ги земе оние три јајца. Сепак по нивната смрт, во местото Фереман беа закопани заедно според Божјо откровение. Овие Свети браќа беа големи чудотворци и за време на животот и после смртта. На еден слуга на спиење му се беше вовлекла змија низ устата во стомакот и кутриот човек ќе издивнеше во најтешки маки, ако во последен миг не ги повикаше на помош Светите Козма и Дамјан. Така ги прослави Господ со чудотворство засекогаш оние коишто Го прославуваа Бога на земјата со вера, чистота и милост.

Тропар
Свети бесребреници и чудотворци, Козмо и Дамјане, посетете ги нашите немоќи; бесплатно примивте, бесплатно давајте ни.

Кондак
Откако примивте благодат за исцеленија, им давате здравје на оние што се во неволја, лекари и чудотворци преславни! Но, со вашата посета, соборете ја дрскоста на воините, лекувајќи го светот со чудеса.

Светиот маченик принцот Ерминигелд

Син на готскиот цар Лувигелд, којшто се држеше за Ариевата ерес. Но пред сите ласки и закани на својот татко еретик Ерминигелд не отстапи од Православието. Татко му го фрли во затвор и на Воскресение рано испрати некој епископ еретик за да го причести. Но Божјиот угодник не сакаше да прими причест од раце на еретик, за што овој го извести царот. Царот се налути и нареди, па на Ерминигелд џелатите му ја отсекоа главата, во 586 година. Подоцна Лувигелд се покаја што си го уби синот, се одрече од ереста и се врати во Православие.

Преподобниот маченик Јаков со учениците Јаков и Дионисиј

Роден е во Костурската епархија од родителите Мартин и Параскева. Работејќи со овци Јаков се збогати и со тоа предизвика завист кај својот брат, којшто го наклевети кај Турците како да нашол некое скриено богатство закопано во земја. Јаков побегна во Цариград, каде што повторно се збогати. Еднаш му беше гостин на некој турски бег. Турците јадеа месо, а Јаков постеше. Тогаш му рече оној бег: „Голема е вашата христијанска вера“. И раскажа дека неговата жена била умоболна и дека после сите лекари и лечења на крајот ја одвел кај патријархот за да ѝ прочита молитва. Штом патријархот ја отворил книгата за да ѝ чита, низ храмот светнала некоја небесна светлина. По завршувањето на молитвата жената оздравела. Кога слушна Јаков како Турчинот ја фали христијанската вера, го раздаде сиот свој имот и отиде на Света Гора, каде што се замонаши во манастирот Ивер. Се подвизуваше на Света Гора, а пострада за верата од Турците во Едрене на 1 ноември 1520 година. Неговите чудотворни мошти почиваат во манастирот на Свети Анастасиј во Галачист близу Солун.