Девојче во Зрењанин со шестар избоде соученичка

Уште еден случај на насилство во училиште ја вознемири Србија. Со шестар, а не со нож девојче избоде соученичка во основното училиште „2 октомври“ во градот Зрењанин. Повредената со полесни физички повреди во вратот е пуштена на домашно лекување откако претходно ја прегледале во Ургентниот центар во Зрењанин. Таа разговарала и со психијатар.

За случајот е известена и полициската управа во Зрењанин, а истрагата е во тек, пишува српски Курир. Девојчето кое ја нападнало својата соученичка има 13 години. Локалните власти и вработени во Центарот за социјални работи го посетиле училиштето.

Во Србија почина и девојче кое се здоби со повреди при масакрот во училиштето во Белград. Таа е десетта жртва во тој напад. Масакрот се случи на 3 мај, а оттогаш имаше уште еден масакр во Младеновац и серија напади и закани за напади. За викендов, момче во Војводина со секира и со нож повреди мајка и нејзиниот син.

фото: новости/принтскрин