Гласањето на избирачкото место 2901 во скопската општина Чаир, каде се врши прегласување на вториот круг од локалните избори, се одвива непречено а до 13 часот на гласање излегле 20,86 отсто од запишаните избирачи.
Како што соопшти портпаролката на Државната изборна комисија, Љупка Гугучевска, до 13 часот од вкупно запишани 719 избирачи на гласање излегле 150, односно 20,86 отсто.
Претходно во неделата ДИК информираше дека дo 10 часот на гласање на споменатото изборачко место излегле 4,45 отсто од запишаните избирачи, односно 32 лица со прави на глас. Во првиот круг од изборите излезноста на посоченото место изнесувала 54 отсто, додека на вториот 38 проценти.
На ова избирачко место вкупно се запишани 719 избирачи. Разликата во Чаир меѓу Висар Ганиу од ДУИ и Зекирија Ибраими од БЕСА во вториот круг беше 209 гласа, а на избирачкото место 2901 разликата е 66 гласа.
Ова е единственото прегласување на шестите локални избори во Македонија кои се одржаа во два круга на 15-ти и на 29-ти октомври.
Гугучевска потсети дека гласачите на кои им е повредено гласачкото право имаат можност да достават приговор до ДИК во рок од 24 часа, но досега до ДИК не е доставен ниту еден ваков приговор.
Граѓаните исто така можат изборните неправилности да ги пријават на бесплатната телефонска линија на ДИК, односно на 0800 555 44.