Димитриевска Кочовска: Ребаланс на Буџетот требаше да се направи уште во март

Дополнителната заменик-министерка за финансии, Гордана Димитриевска-Кочовска за „Детектор“ истакна дека со зголемувањето на акцизата за нафтените деривати буџетот во идеални услови до крајот на годината би заработил 20-21 милион евра.

„Нам ни фалат многу повеќе пари од овие 20-21 милион евра. Тоа рековме дека ќе биде под претпоставка дека ситуацијата е идеална и оти немаме вака криза. Дефинитвно буџетот нема да обезбеди толку пари“, рече Димитриевска- Кочовска.

Во однос на загубените работни мести во време на кризата рече дека Македонија нема точна бројка на луѓе кои се засегнати бидејќи Агенцијата за вработување брои само пријави и одјави. Вели дека во почетоците на кризата, уште пред Владата да донесе мерки, компаниите одлучиле да ги намалат работните часови на вработените.

„Вработени на 8 часа дневно ги намалија на 4-3-2, зависи од компанијата. Тоа не е губење на работно место, но намалување на работните часови влијае на приходот којшто ќе го остварат. Имаше доста вработени кои што добија три месеци неплатено. Повторно станува збор за луѓе кои не изгубиле работа, но останале на неплатено. Така што, од Агенцијата за вработување досега не слушнавме конкретни бројки“, рече Димитриевска-Кочовска.

Вели дека ребаланс на Буџетот требаше да се направи уште со март, а Владата со Уредба со законска сила требало да го направи уште во првиот момент од воведувањето на вонредната состојба.