Имаме ли стратегиски алтернативи, дали регионот има стратегиска алтернатива? Опкружени сме со земји-членки и на ЕУ и на НАТО, ова се соседите, ова е иднината. Проблемот со името мора да се изработи. Тоа треба да го правиме со повеќе самодоверба и тој површен национализам ќе си го замениме со визионерски патриотизам. Ни требаат резултати, а не споменици и тапкање во гради, ги објасни принципите во разговорите за името министерот за надворешни работи Никола Димитров во вечерашнава емисија Топ тема на ТВ Телма.
„Суштината на компромисот, доколку е можен, е на два столба. Едниот столб е: Македонците мора да бидат ‘Македонци што го зборуваат македонскиот јазик’. Затоа што стравот од конкретизирање со одредница на името Македонија (бидејќи тоа е нашето име, Македонија) ќе биде невозможно да се покрие. Тој страв мора да биде покриен соодветно, за воопшто ние да можеме да се отвориме за географска одредница. И тоа што јавно го соопштивме, географска одредница, е врзано со ова. Тоа не е безусловно. Исто така, таа географска одредница не може да биде недостоинствена“, рече Димитров.
„Во слеаното, споеното име практично го нема нашето име, тоа не е сложеното име што го бара Грција. Треба да се фокусираме на целите. Ова прашање е едно од најболните прашања, затоа што неговата природа е многу проблематична и многу е лесно да се удираме во гради и да викаме. Меѓутоа, сите знаеме дека надминувањето на овој проблем е важно за нашата држава. Ако најдеме достоинствено решение, тоа ќе биде многу важно за иднината на Република Македонија. Да си ги отвориме вратите.“
„Нам ни треба достоинствено решение од кое нема да се срамиме и кое ќе ни биде прифатливо. Таму зборуваме и за опфатот. Има различни толкувања за тоа што значи ерга омнес. Колку повеќе гледаме напред, толку помали комплекси ќе имаме кон историјата“, рече Димитров.