Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (CIA), Вилијам Барнс, ненајавено пристигна во вторникот во Сараево, каде што се сретна со највисоките политички и разузнавачки претставници на Босна и Херцеговина.
Барнс, како што потврдија официјални извори, се сретнал со тројца членови на Претседателството на БиХ и одделно со директорот на Агенцијата за разузнавање и безбедност (OSA) на БиХ, Алмир Џува како и со министерот за надворешни работи Елмедин Конаковиќ.
Деталите од тие разговори не беа објавени, но локалните медиуми повикувајќи се на неименувани извори наведуваат дека на дневен ред биле состојбите во Босна и Херцеговина и безбедносните закани со кои се соочува земјата.
Само министерот Конаковиќ подетално ги коментираше средбите со Барнс.
„Разговаравме за процесите во БиХ, важноста на НАТО и европската интеграција, за тоа што не забрзува и успорува“, изјави Конаковиќ по средбата со Барнс, кој посочи дека посетата на директорот на CIA е уште една потврда дека американската администрација сериозно се справува со ситуацијата во Босна и Херцеговина.
Барнс по посетата на Сараево патува за Белград, а Конаковиќ вели дека тоа е показател дека САД сеопфатно гледаат на ситуацијата на западен Балкан.
„За нас е исто така важно да се смири дијалогот меѓу Србија и Косово, да се смират некои жаришта, да се свртиме кон економијата и иднината на овој регион, а не кон постојана конкуренција и викање на историски факти. извесно е дека и американското присуство оди во насока на стабилизирање на односите во регионот и свртување кон она што е најважно за граѓаните“, рече Конаковиќ.