Дисциплинската комисија во Државниот просветен инспекторат (ДПИ) донесе предлог за дисциплинска мерка за просветниот инспектор Ѓорги Илиевски. Одлуката ја донесоа по речиси четиричасовна расправа на која не присуствуваа новинарите бидејќи не им беше дозволено.
Од друга страна, новинарите не можеа да ја следат седницата на која се одлучуваше за дисциплинската постапка за Илиевски. Претседателката на комисијата, Валерија Анастасова, на новинарите им кажа дека не се најавиле. Обезбедувањето на новинарите не им дозволи да бидат присутни ниту во холот во зградата во која се наоѓа инспекторатот, па тие одлуката ја дочекаа на влезот, по четири часа
Портпаролот на ДПИ, Јане Николовски, изјави дека директорот Томе Спировски во рок од седум дена треба да одлучи дали и како ќе го казни инспекторот Илиевски. Тој образложи дека комисијата утврдила дека е сторен прекршок и дека затоа предлага дисциплинска мерка за инспекторот, но не кажа за каков прекршок станува збор.
„По изведување на доказите донесена е одлука со предлог за изрекување дисциплинска мерка против административниот службеник. Во законски утврдениот рок, раководното лице на институцијата треба да постапи по истата, во зависност од тоа како ќе одлучи, може истата да ја прифати или да постапи различно со тоа што ќе треба да даде образложение за тоа. Постапката против инспекторот Илиевски се водеше според Законот за административни службеници, односно согласно подзаконскиот акт кој произлегува од истиот, Правилникот за водење на дисциплинска постапка и образецот за тајно гласање“, изјави Николовски.
Инспекторот Илиевски од новинарите дозна дека има предлог за дисциплинска мерка против него, иако одлуката ја чекаше во просториите откако заврши состанокот.
„Денеска е закопана правната држава во Македонија. Ваков чин на една дисциплинска постапка каде што не се дозволи да влезат медиумите, тоа е незамисливо. Сакав јавно да проговориме за државните функционери, да им дадеме порака и на сите други, како што јас се охрабрив и јавно кажав за незаконитостите што се случуваа со функционерите кои незаконски се унапредувале, незаконски добивале парични средства“, рече Илиевски.
Инаку, второстепената комисија за инспекциски надзор пред неколку дена донела одлука со која ги укинува решенијата на инспекторот Илиевски, односно постапила позитивно по жалбата на тетовскиот универзитет. Инспекторот прашува зошто до него не стигнало тоа решение, зошто не бил известен дека е поднесена жалба по неговите решенија и како тетовскиот универзитет поднел жалби кога официјално не ги примал неговите решенија во кои утврдува незаконитости.
„Како е донесена оваа одлука, моите решенија не се примени од тетовски универзитет. А и да имало жалба, јас треба да дадам одговор по таа жалба. Ова е скандалозно нешто, невиден криминал“, изјави Илиевски.
Вишиот просветен инспектор во јавноста ги објави имињата на министерот за образование Арбер Адеми, на заменикот министер во МВР , Агим Нухиу и на директорот на Агенцијата за државна индустриска сопственост, Сафет Емрули, како поединци кои стекнале незаконски виши звања на Тетовскиот универзитет. Дисциплинската постапка беше поведена зашто Инспекторатот констатирал кршење на етичкиот кодекс со објавувањето на имињата, додека траела постапката за утврдување на одговорноста на функционерите.