Дивите депонии го трујат цело Скопје, надлежните си ја префрлаат одговорноста

Градежен шут, кабли, гуми, расфрлани кеси, чопор на кучиња и неподонослив црн чад ваква е сликата во скопско Визбегово, населено место на само неколку минути возење од центарот на главниот град. Жителите се жалат, велат дивите депонии на потегот меѓу Визбегово и Шуто Оризари ги трујат не само визбеговци, туку и цело Скопје, а доколку надлежните не превземат нешто, ќе бидат принудени да најдат решение за своја евакуација. Стравуваат дека е можно загадување на почвата и водата која е во близина на депониите, пренесува Алфа ТВ.

Жителите велат дека за овој проблем алармираат веќе подолг, но проблемот никако целосно да се реши. Оствариле средби со градоначалниците на Бутел и Шуто Оризари, а денеска и со заменик министерот за животна средина кој им ветил системско решавање на проблемот.

Од инспекторатот на град Скопје, велат дека тие работат на проблемот, но не можеле 24 часа да бидат на терен, но и дека дел од одговорноста и спавувањето на проблемот треба да сносат и општините.

Градоналачникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш за медиумите изјави дека во овие диви депонии ѓубре остава кој ќе стигне, па тие поставиле капии за да се спречи понатапошното трупање на смет, но било потребно да се постават луѓе за да ги чуваат дивите депонии, а тие со толкав капацитет на луѓе не располагале.

Загадениот воздух и оваа зима беше еден од главните проблеми во државава. Македонија се почесто се наоѓаше на првите места во црната листа на најзагадени места во Европа, но и во светот. Аерозагадувањето е главен ризик фактор за смрт кај 25 отсто од смртните случаи од срцеви и мозочни удари и кај 4,6 отсто од починатите пациенти со рак на бели дробови, покажале анализите на Институтот за јавно здравје, правени врз база на меѓународни студии и согласно препораките на Светската здравствена организација.